СЛЕДЕТЕ НЀ

Тестови

Kia XCeed 1.4 T-GDI: Шминкер во семејството

Ceed се покажа како одлична база врз која Kia гради цело семејство од различни по карактер модели. По основниот хечбек, караванот (SW), спортистот (ProCeed) на ред дојде и кросоверот, XCeed. Го возев Launch Edition со мотор од 140 КС.

Убавината на возење модел кој доаѓа како целосно нов член на семејство е во моментот на соочување со конструкторската визија.

Уште, ако првиот впечаток се стекнува преку некулкудневно дружење со оплеменета верзија (Launch Edition), очекувањата растат експоненцијално.

Токму таков беше примерокот кој имаше задача да не воведе во светот на кросоверите изградени врз платформа на компактот Ceed. Добро, уште од „прва“ добивам впечаток  дека припадноста е повеќе од симболична природа отколку суштинска.

Ова е нешто сосема поинакво и од SUV-претставникот, Sportage. Таков е првиот впечаток, по завршување на нашата дружба оваа констатација ќе биде многу поизразена.

 

Механика во поинакво светло

За восхит е како инженерите умеат врз позната механичка основа да изградат возило со сосема поинаков карактер. Првите километри ми потврдуваат, ова возење поприлично се разликува од тоа на донаторот.

Можеби заслугата оди на тркалата од 18 цола, или на повисокото седење, на луксузниот пристап во одбирањето на материјалите, поспортското сетирање на потпирањето, или … или можеби на сето тоа заедно.

Иако, моторот, менувачот, платформата со меѓусокино растојание од 265 cm, независното потпирање на сите тркала, … верно служат во сите варијанти на Ceed, сепак, карактерот на Xceed е за цела милја повисоко поставен.

Се сомневам дека одликашите од Харвард веќе си добија свој фаворит.

Од друга страна на емоциите стојат голите факти: возениот примерок е опремен со турбо бензинец од 140 КС а преносот на предната оска го обезбедува 7-степенска, DCT автоматика.

Составот е докажан, целото Ceed-семејство му се радува, но … но тука повторно, нели, работи потивко, поугладено и попрефинето. Сомнежите ми паѓаат врз управувачката електроника! Но, сигурно се работи за многу покомплексен приод.

 

Младите сакаат гаџети, повозрасните уште повеќе

Да разјасниме веднаш, цената на одлично опремениот базен модел (со мотор од 140 КС) изнесува 24.980 евра. Ова, прекрасново наше, во вкупната сметка брои до 31.300.

Пред да доенсете било каков заклучок околу противредноста на вложените пари само погледнете што се може да прави автоматски.

Значи: држи правец и корегира управувач, сопира пред опасна ситуација, менува степени на пренос, држи дистанца пред возилата, пали светла, регулира сноп на светла (кратко, долго) вклучува бришачи, отвара багажник, па дури и пронаоѓа паркинг простор и сам паркира.

Во наведената цена исто така е вклучена дигиталната табла со инструменти, потоа, голем кровен отвор, преубави бандажи од 18 цола, одличен инфозабавен систем, и уште цела листа од гаџети кои го поставуваат рамо до рамо до двојно поскапите премиум играчи.

 

Возење!

Сета таа опрема добива смисол кога ќе се стави во функција на, … ма каква функција, тука говориме за чист мерак.

Значи, за мерак при возење. Двата мода на моторот го одредуваат карактерот, а ако баш сакате забава префрлете на Sport.

Во тој случај моторот се однесува како да е штотуку излезен од теретана, а менувачот се однесува како прв пратечки вокал.

Музиката која притоа се слуша од единствената издувна гранка (тоа што гледате две, е само украс) дава додатни мотиви за стискање на алуминиумските папучи.

Заклучок

Xceed е чист кросовер – погон на четири тркала (барем за сега) не е предвиден. Тоа значи дека е направен за доградување на  имиџот на корисникот, но пред сé и над сé за врвно уживање во возењето на прекрасно дизајнирано и (пре)богато опремено, современо парче автомобил. Кој е за, нека се преброи, прерачуна уште еднаш и нека застане во ред.

 

 

Kia XCeed 1.4 T-GDI
мотор Бензиски, четири цилиндри, линиски, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.353 cm3
напојување директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар,
максимална силина 103 kW / 140 КС @ 6.000
максимален вртежен момент 242 Nm  @ 1.500 – 3.200 врт/мин.
пренос на силина DCT 7-степеснки автоматик , погон на предна оска
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, гасни амортизери, стабилизатор                    Назад: мултилинк оска, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор
сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.395 x 1.826 x 1.495 (mm)
меѓуоскино растојание 2.650 mm
тежина 1.375 kg
максимална брзина 200  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 9.5  секунди
комбинирана потрошувачка 5.9  l/100km (според NEDC)
емисија  на CO2 135 g/km  (според NEDC)

 

 

 

 

Текст: Агрон Сулејман

Реклама
Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови