СЛЕДЕТЕ НЀ

Uncategorized

Kia XCeed во врна изведба или со основен пакет

 

Ги споредивме врвната верзија (Launch edition) на XCeed со 1.4 (140 КС) мотор и неговата влезна варијанта си трицилиндерски мотор од 120 КС во Vision изведба. Првиот чини 32.300 додека вториот далеку помалку, 18.550 евра. Дали разликата од 74% е оправдана?

Автомобилите поскапуваат. Поготово новите модели кои порано ги немало во производната гама. Таков е случајот и со Kia XCeed кој иако изграден врз постоечка платформа, можеме да го сместиме во друштвото на целосно нови модели.

Од друга страна, со секој нов член на семејството, производителите сакаат да го покажат совладаното техничко ниво, кое во случајов го носи печатот на 7-годишна гаранција.

Веруваме дека тоа е главниот мотив на Kia, лансирањето на стилскиот XCeed, да го одбележи со долга листа на опрема која започнува со автоматски можности за запирање, паркирање па потоа со одржување и корекција на правец, …

И продолжува со автоматски менувач и голем отвор на кровот па сé до греење и ладење на седиштата, греење на управувачот, 18 цолни бандажи со спортски пневматици, … и уште цела гомила конективна и опрема за забава.

Под хаубата на Launch Edition мирно и тивко работи четирицилиндерски турбо мотор од 1.4 литри кој испорачува 140 КС. Хармонијата со 7 DCT-менувачот овозможува динамично, истовремено и мирно уживање во возењето. За тоа задоволство потребни се 32.300 евра (целиот тест ТУКА)!

И сега домашниот увозник истапува со понуда на XCeed со Vision пакет на опрема. Тоа е влезен модел во кој чука бензиско срце со три цилиндри и ветувачки 120 КС.

Во понудата стои дека за оваа варијанта треба да се избројат 18.550 евра односно цели 13.750 евра помалку. Или сликовото кажано, разликата помеѓу двете верзии изнесува колку еден Stonic.

Уф, … ако се суди според цената, опремата на поевтината варијанта би требало да е прилично скромно димензионирана. А воопшто не е така! Напротив, поскапата варијанта се става во одбрамбена позиција за да ја оправда бараната, бајаги повисока сума.

Добро, не е се во опремата, тука и моторот се наметнува како компонента која прави разлика. Трите цилиндри разместени во само еден литар запремина, очекувано се понемирни и побучни во однос на парниот број цилиндри на за 40% поголемиот мотор.

Но внимавајте, разликата во силина 140 спроти 120 КС не делува воопшто драматично. Тоа се потврдува и при возење: иако побучен (во секој режим) еднолитарскиот мотор изненадува со динамичност. Тоа го покажуваат и бројките – забрзување од 10.9 секунди (+1.5 сек.) и максимални 184 км/ч (-16 км/ч).

Од друга страна, полесниот преден дел и поповолната распределба на тежината по оски, поволно се одразуваат на однесувањето при брзо поминување на свиоци.

Кога сме уште кај моторот: турбо полначот како да има две скалила, првиот на под 2.000 вртежи и вториот поставен на 4.000 вртежи делуваат како последователни камшици по грбот на коњите. И сето тоа за потрошувачка која во реални услови знае да биде пониска и до 1.5 литри на сто.

За да не делува дека сум премногу на страна на поевтината опција, ќе повторам: трите цилиндри се побучни и видно понемирни од угладената работа на поголемиот мотор.

Да, и рачниот менувач не би можеле по никој основ да го споредуваме со автоматикот со двојна спојка кој беспрекорно функционира кај поскапиот модел.

И сега опремата. Ако некој успее да пронајде празнина во списокот на опрема вграден во основниот пакет, ќе му честитаме на познавањето. Секако дека набројувањето ќе ни одземе превише простор, па затоа ќе кажеме само тоа што го нема.

Автоматското сопирање е главната разлика, а кожните апликации на седиштата и менувачот, стаклениот покрив, поголемиот екран на инфо системот, и секако класичната наместо дигиталната табла, се повидливите разлики. Има и финеси (помали, 16-инчни бандажи, отсуство на трепкачи во ретровизорите, … ).

Но сепак, впечатокот кој го остава поевтиниот Vision пакет, остава многу малку простор за дилеми, и не само во споредба со својот поопремен брат, туку и со сé побројните конкуренти. Всушност, подолу се даден компаративните податоци, па секој според можностите и желбите. Да, меракот најчесто не може да се квантивизира, но имајте на ум дека за разликата во цена може да се купи еден добро опремен Stonic.

 

  Kia XCeed 1.4 T-GDI Kia XCeed 1.0 T-GDI
мотор Бензиски, четири цилиндри, линиски, сместен напред попречно Бензиски, три цилиндри, линиски, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.353 cm3 998 cm3
напојување директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар,
максимална силина 103 kW / 140 КС @ 6.000 88.3 kW / 120 КС @ 6.000
максимален вртежен момент 242 Nm  @ 1.500 – 3.200 врт/мин. 172 Nm  @ 1.500 – 4.000 врт/мин.
пренос на силина DCT 7-степенски автоматик , погон на предна оска погон на предна оска, 6-степенски мануелен менувач
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, гасни амортизери, стабилизатор

Назад: мултилинк оска, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор

Напред: Mc Pherson пружини, гасни амортизери, стабилизатор

Назад: мултилинк оска, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор

сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.395 x 1.826 x 1.495 (mm) 4.395 x 1.826 x 1.483 (mm)
меѓуоскино растојание 2.650 mm 2.650 mm
тежина 1.375 kg 1.332 kg
максимална брзина 200  km/h 184  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 9.5  секунди 10.9  секунди
комбинирана потрошувачка 5.9  l/100km (според NEDC) 5.6  l/100km (според NEDC)
емисија  на CO2 135 g/km  (според NEDC) 129 g/km  (според NEDC)

 

 

 

 

Текст: Агрон Сулејман

Фото: Јулиа Егорова

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Uncategorized