Четвртата генерација на Sorento настапува со нова механичка поставка, врвно е опременен и изгледа префинето. Го возевме со Premium 2 – пакет на опрема кој чини 49.900 евра.
Капацитетниот теренец на Kia го познаваме уште од 2002 година, кога се појавува како модел конструиран по теркот на мерцедесовиот ML. Пазарниот успех резултира со три генерации кои сеуште неуморно ги носат илјадниците километри и натрупаните години.
На Јужнокорејските стратези повеќе од тоа и не им е потребно. Акумулираното искуство е искористено за конструкција на четвртата генерација која има задача да го позиционира Sorento уште повисоко. Поточно, сериозно да им запрети на премиум SUV-претставниците.
Да, добро забележавте, Sorento од теренец еволуира во луксузен SUV од Д-сегментот.
Гледано од технички аспект тоа значи премин од решеткаста носечка структура во самоносечка каросерија. Практичното манифестирање се огледа во зголемена удобност при патувањата, на сметка на проодноста по екстремни терени.
За да нема разочарувања кај авантуристите, новиот Sorento се нуди со три различни мода за теренско возење кои би требало достојно да ги заменат механичките преносни компоненти.
За прилагодување на каракерот при патни услови, понудени се уште четири различни програми од кои едниот (Smart) го снима вашиот стил на возење и спрема тоа ја прилагодува автоматиката.
Докажан дизел, нов менувач
И покрај современите бензинци кои сега без исклучок се електрифицирани, домашниот увозник одлучи Sorento да го понуди со дизелски агрегат од 2,2 литри кој ослободува 201 КС.
Тој мотор весело се врти во луксузно-спортските европски верзии (Stinger), а за новата служба додатно е еколошки упристоен. Преносот до сите тркала се одвива преку автоматски DCT менувач кој има осум преносни односи. Неговата делотворност најдобро може да се почуствува кога кружниот селектор ќе се постави во модот, Sport.
Тогаш брзото менување (може и рачно, преку полуги) и високите вртежи, над 1,8 тонското возило го претвараат во моќен јуришник.
Бројките кои говорат за 9,2 секунди и 205 km/h мора да се респектираат, а аплаузите ќе ги соберат новата платформа, адаптивното потпирање и аеродинамичната каросерија.
Модерна елеганција
Веднаш да разјасниме, Sorento е најголемиот SUV на Kia кој се продава на Европскиот пазар, Американците сакаат поголеми возила, па Kia за тамошниот пазар го има подготвено поголемиот брат, Telluride.
Без грижи, импозантно е димензиониран и новиот Sorento. И што е уште поважно, воопшто не изгледа незграпно како теренец, туку во изгледот доминира елегантната нота.
Одлично избалансираните површини повеќе говорат за префинетиот стил отколку за истакнување на некаква набилдана фигура. Според наш вкус, најистакнат е задниот дел кој освен оригиналност зрачи и со посебен шарм.
Внтерашноста бездруго ќе биде силен аргумент во пазарниот настап, заклучуваме по првичните импресии. Премиум опкружувањето може да се почуствува со секој допир, а информациите и командите се извршуваат преку двата екрани кои сега доаѓаат со големина од 12,5 и 10,5 инчи.
На сите седум седечки позиции се седи според европски димензионирани седишта и со лесен пристап до одлагалишта и напонски конектори за електронските гаџети.
Опрема, опрема, и уште повеќе опрема
Заедно со 7-годишната гаранција, во Kia одамна ја имаат апсолвирано и потребата од максимално опремување на своите модели.
Тој принцип е применет и кај новото издание на Sorento со таа разлика што сите системи се додатно унапредени и оптимизирани. Всушност, конструкторите сериозно се позанимавале со финесите.
На пример, додека стоите во место, колоната пред вас ќе тргне, а вие сеуште стоите, пред да ви свират нетрпеливите возачи зад вас, ќе бидете предупредени со звучен сигнал.
Влегувањето во третиот ред седишта се врши преку задната клупа со вградени автоматски катапулт-седишта кои се активираат со притискање само на едно копче. А ако предното совозачко седиште го спречува тоа, тогаш со прекинувачите поставени на бочната совозачка страна ќе можете да ги придвижите во саканиот правец.
Прецизноста на безбедносната опрема е доведена на ниво на автономно движење, па дури и менувањето на степените на пренос ќе се врши во зависност од тоа колку на надолнина ја притискате папучата на сопирачката.
Ако тоа го правите често, автоматиката ќе „шалта“ една брзина подолу, со што проблемот со забрзувањето на удолнина општо присутен кај автоматиците, едноставно се елиминира.
Во принцип, возилото се држи до избраната коловозна лента, а во случај да ги тргнете рацете од управувачот веднаш стигнуваат предупредувања и реакција од системите.
Финесата тука се состои во тоа што ако само нежно ги наслоните рацете на управувачот, возилото практично само ќе управува. Додадете ги на тоа автоматскиот темпомат и системите контролирани од ултра-прецизниот радар, и ќе ја добиете вистинската слика за безгрижното и безбедно патување.
На крајот отворено ја поставуваме дилемата, дали Kia и со новиот Sorento го задржува мотото: највеќе за вашите пари. Направената споредба со конкурентските модели и изедначувањето на опремата ја разрешува поставената дилема: и многу повеќе од тоа!
Kia Sorento 2.2 CRDi |
|
мотор | линиски дизел, четири цилиндри, сместен напред попречно |
работна зафатнина | 2.151 cm3 |
пречник и од | 83 × 99,4 mm |
напојување | Diesel commonrail, тубо полнач, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 16:1 |
максимална силина | 148 kW / 201 КС @ 3.800 |
максимален вртежен момент | 440 Nm @ 1.750 врт/мин. |
пренос на силина | DCT8, автоматик со двојна спојка, 8-степени, AWD (4×4) |
потпирање | Напред: независно, Mc Pherson пружини, стабилизатор Назад: двојни попречни рамења, спирални пружини, стабилизатор |
сопирачки: напред / назад | вентилирани дискови / вентилирани дискови – ABS, EBD, ESP |
должина x широчина x височина | 4.810 x 1.900 x 1.700 (mm) |
меѓуоскино растојание | 2.815 mm |
тежина | 1.819 kg |
максимална брзина | 205 km/h |
забрзување од 0 – 100 km/h | 9,2 секунди |
комбинирана потрошувачка | 6,2 l/100km |
емисија на CO2 (WLTP) | 159 gr/km |
Интересно
-
Актуелен Миг
/ пред 4 неделиДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 2 месециZeekr Mix: врвниот семеен ван, во Кина ќе чини неполни 36.000 евра
Брендот Zeekr на Geely има полни раце работа со проширување на својата гама....
Од Autoinfo.mk