Најавен со концепт во февруари на салонот на автомобилите во Њу Делхи, Sonet малиот SUV на Kia ја доживеа својата премиера.
Најмал од сите досега, со него Корејците уште еднаш ќе се обидат да ги поместат пазарните граници на сегментот – сега под 4 метри, колку што Sonet е долг.
Силен аргумент за тоа ќе има неговиот „убедлив“ дизајн, кој му дава голема доза сериозност во настапот.
Свежата интерпретација на „тигровиот нос“ делува толку добро што би ја посакале кај сите модели на Kia.
Младешкиот дух е интерпретиран со уникатната структура на задниот дел – носачите на покривот и задното стакло кое ги „обвиткува“.
Внатрешноста за која Корејците велат дека е најдобра во класата се одликува со полу-дигитална инструмент табла, инфо-забавен систем со екран од 10,25 инчи и трикрак мултифункционален управувач.
Опременоста што е типично за марката, е натпросечна – автоматски клима уред, седишта со греење и вентилација, безжично полнење на телефон, Android Auto, Apple CarPlay…
Палетата мотори обединува 1,0 литарски турбо бензинец, 1,2 литарски атмосферски бензинец и 1,5 литарски дизел. Во зависност од моторот, ќе се вградува мануелен менувач со 5 или 6 степени, 6-степен автоматик или 7-степен DCT со двојна спојка.
Планиран е и посебен GT Line пакет со поагресивна саќеста маска, аеродинамичен боди-кит, хромирани детали, покров и ретровизори во контрастна боја, црвени клешти на сопирачките…
За крај најинтересното – иако засега е поврзан само со индискиот пазар (таму ќе се произведува), Kia Sonet е планиран да биде глобален модел. Корејците сепак се воздржуваат да кажат за кои региони ќе биде наменет.