СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Тестови

Kia ProCeed GT: Компактен спортист во премиум одело

 

Семејството Ceed добива уште еден член кој според обликот се сместува помеѓу основниот хечбек и неговата караванска верзија. Нам на тест ни беше понудена најспортската, GT верзија со 204 КС и врвно ниво на опрема.

Kia храбро влегува во нови проекти. Shooting Brake облици досега можеа да си дозволат само Porsche (Panamera Sport Turismo) и Mercedes (CLA).

Отсега, формата која најблизу може да се опише како нешто помеѓу класична лимузина и караван, ќе може да се пазари и во салоните на Kia.

Достојна за споредба со премиум моделите секако е изведбата со ознаката, GT. Демократската изведба се бележи со GT Line а кај нас се нуди со 1.4 турбо бензинец од 140 КС.

204 КС и DCT7

Убаво е чувството кога знаете дека под хаубата, впрегнати за акција, подготвено чекаат 204 коњи. Капацитетите на бројната ергела ги знаеме уште од минатата верзија на Pro Ceed, само што сега е технолошки упристоена (Euro 6d Temp) без притоа коњите да изгубат од желба за силовит галоп.

Максималните 230 км/ч влеваат големи дози оптимизам. Фаќањето на првата стотка за 7.6 секунди исто така. Па ова е вистински компактен GTI, ќе кажат помалку упатените. Познавачите на марката ќе потврдат дека и во класичниот хечбек може да се вгради истиот мотор. Но сепак, новиот ProCeed е нешто сосема друго.

Впечатокот потекнува од самата екслузивна форма која во оваа класа сеуште никој не се осмели да ја понуди. Должината од 461 cm, сé до средишниот столб, е идентично распоредена како и кај компактот.

Од таа точка по се до задниот одбојник следи визуелна драматика. Резултат: никој не може да го идинтификува дарителот на шасијата.

Овој опис важи за основните верзии на ProCeed, но внимавајте нашиот бел убавец припаѓа на благородниот GT изданок. Тоа значи дека целата каросерија е поставена поблизу до асфалтот а опремата е дизајнирана така да „нема, да нема“.

Иако е релативно да се говори за комлетна опрема, доволно е да кажеме дека во предниот дел е вграден радар, згора на тоа и систем на сензори и камери. На задниот дел подготвени да бдеат над сигурноста и безбедноста се поставени камери и сензори.

Со тоа е овозможена максимална ефикасност на системите за предупредување на напуштање и автоматско држење на сообраќајна лента, детекција на мртов агол, автономно сопирање, темпомат со автоматско држење на растојанието, …

Аудио системот испорачан од JBL има надворешен засилувач и „subwoofer“ вграден во багажникот, потоа тука се греачите на ветробранот и управувачот, осветлувањето кое доаѓа од бројните LED светла, … сите тие, и уште една гомила префинети елементи, го потполнуваат спортскиот впечаток.

 

Разликата ја прави обликот

Поради специфичниот облик, ProCeed GT нуди багажен простор од цели 594 литри, односно само 31 литар помалку од караванот. Во бажникот е вградена подвижна преграда со помош на која при динамично возење багажот успешно се фиксира.

Високите патници сместени на задната клупа ќе почуствуваат одреден недостаток на простор над нивните глави, но тоа е жртвата која конструкторите ја принеле на олтарот на аеродинамичниот спортски изглед.

Вградените материјали и нивната обработка се споредливи со тие од повисоките класи, а ергономијата е врвна.

 

Спортска душа во голема каросерија

Бензискиот турбо мотор кој се храни преку директно вбризгување покажува двоен карактер. При ниски вртежи овозможува лежерно кратарење, но штом се стисне десната папуча и вртежите се покачат над 4.000 илјади, моторот покажува недвосмислен карактер. И тогаш забрзувањето трае, и трае. За неколку секунди се постигнува брзина за која експресно се одзема возачка дозвола.

Автоматскиот менувач работи брзо и прецизно, па дури знае и да штеди гориво. Наглите забрзувања ќе ве потсетат дека погонот се одвива само на предната оска. Тоа се прави со благо подигнување на предниот дел, што во крајна линија не е опасно, само колку да ве потсети дека сепак се работи за возило од „Ц“ сегментот.

Оригиналниот изглед, максималната опременост и спортскиот дух си имаат и своја цена. Во случајот на ProCeed GT таа изнесува 33.390 евра. Ако ви изгледа малку многу, во Kia имаа имаат широк избор од комбинации на каросериски облици, мотори и опрема, така да лесно може да се одлучите за модел што вам ви одговара.

 

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Kia ProCeed GT
мотор 1.6 T-GDi, турбо бензинец, четири цилиндри, линиски, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.591 cm3
напојување директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, EURO 6d Temp
максимална силина 150 kW / 204 КС @ 6.000
максимален вртежен момент 265 Nm  @ 1.500 – 4.500 врт/мин.
пренос на силина aвтоматик 7 DCT, седум степени, погон на предна оска
потпирање Напред: Mc Pherson, гасни амортизери, попречни рамења, стабилизатор               Назад: мултилинк оска, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор
сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови – ABS, ESC со BAS, TCS, HAC, VSM
должина x широчина x височина 4.605 x 1.800 x 1.422 (mm)
меѓуоскино растојание 2.650 mm
тежина 1.540 kg
максимална брзина 230  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 7.6  секунди
комбинирана потрошувачка 6.2   l/100km
емисија  на CO2 142  g/km

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови