На престојниот салон во Њујорк кој ќе се оддржи кон крајот на овој месец, Kia ќе го претстави својот знаменосец, K900.
Да, Kia произведува и големи луксузни седани. Патот кон високата луксузна класа беше отворен 2012 со претставувањето на моделот, K900. Според добриот обичај, корејците ги развиваат своите модели токму на тие пазари за кои и се наменети.
Тоа во случајот со K900 значи дека се ангажирани домашните дизајнери од Намјанг заедно со сопствениот дизајнерски центар од Ирвајн, Калифорнија.
Новиот знаменосец на марката е изграден врз нова платформа со меѓуoскино растојание од импозантни 3.105 mm што е за 60 mm повеќе од претходникот. Колку за илустрација кај S-Class на Mercedes оските се одалечени на растојание од 3.035 mm.
Моделот кој на пазарот се очекува на крајот од вториот квартал ги носи атрибутите на големина, луксуз, квалитет и примена на највисоки технологии. Како врв на облагородената внатрешност се смета вградувањето на посебно изработен часовник од швајцарскиот премиум бренд, Maurice Lacroix.
Иако засега не се познати техничките детали реално е да се очекува вградување на V8 GDI мотор од 5.0 литри кој би развивал околу 450 КС, и кој би бил спарен со 8-степенски менувач.
Иако K900 не е наменет за европскиот пазар, континенталните премиум производители со голем интерес го следат развојот на корејците, а причината е чисто прагматична. Ако еден ден се решат тие модели да ги донесат во Европа, да не бидат фатени со прстот на чело!