На штотуку завршениот автомобилски салон во Софија имавме прилика да ја видиме целата палета на SUV возила од кинескиот специјалист Great Wall. Посебно внимание предизивика благо редизајнираниот Haval H6 кој е во понуда и кај нашиот увозник „Toltu Motors“.
Great Wall е најголемиот кинески производител на SUV и пикап возила во Кина. Тој податок доволно говори за посветеноста кон одредена категорија, како и за квалитетот на возилата.
Во широката палета на производи, Great Wall Haval H6 зазема посебно место.
Причината за посебниот третман на овој модел е од чисто далеку-источни прагматични побуди – Haval H6 е најпродаван SUV на кинескиот пазар. Е, ова веќе звучи сериозно.
Свесни за квалитетот на производите од „H“- серијата, Great Wall го издвојува Haval како посебен, премиум бренд. Засега гамата се состои од моделите Haval H2, Haval H6 и најголемиот Haval H9.
Haval H6
Кариерата на SUV-от со средна големина е започната во 2011 година, и тоа под полното име Great Wall Haval H6. Квалитетот е веднаш препознаен, па големиот успех доаѓа заедно со порастот на вкупната продажба на кинескиот пазар.
На почетокот се нудат бензиски и дизел мотори кои се комбинираат со мануелни трансмисии со 5 и 6 степени на пренос, како и погон на предната или на двете оски.
Втората генерација која премиерно настапува во 2017 година, е поставена врз истата платформа со меѓуоскино растојание од 268 cm. Визуелниот напредок во однос на претходникот не е толку изразен како што е тоа случај со содржината.
Палетата на мотори се проширува на четири бензински и еден дизел мотор, а покрај мануелниот менувач за пренос на вртежниот момент сега се ангажира еден автоматик (со 6 степени) како и еден седум-степенски менувач со двојна спојка (7 DCT).
Haval H6 во Македонија
Great Wall во нашата држава воопшто не е непознат. Домашниот застапник „Toltu Motors“ може да се пофали со пласман на поголем број пикап возила од серијата Steed кои верно служат извршувајки тешки физички работи.
Но, новиот Haval H6 е нешто сосема поинакво. Со целосно европеизиран изглед (нацртан од Пиер Леклерк) и опремен според вкусот на купувачите од Стариот Континент, јасно цели кон европските купувачи.
Кај нас понудата се состои од два бензиски турбо мотори со директно вбризгување од 1.5 и 2.0 литри (163 односно 190 КС). Примероците кои веќе сообраќаат по нашите улици се опремени со автоматски 7 DCT менувачи кои силината ја пренесуваат на предната оска.
Haval H6 е поставен на платформа со меѓуоскино растојание од 268 cm, а современо скроената каросерија се протега на должина до 461 cm. На предната оска е вграден McPherson додека задната оска е ослонета на мулти линк оска.
Тоа е накратко личната карта на кинескиот SUV кој има глобални амбиции. Во неоспорниот успех кој му се припишува свој удел ќе даде и невообичаено богато осмислената опрема како и оригиналната внатрешност изработена од одлични материјали.
Во зависност од вградениот мотор и количините на додатна опрема цените за Haval H6 се движат помеѓу 22.400 и 27.400 евра. Пред да избрзувате со било каков заклучок, најдобро би било првин детално да го погледнете возилото.