Трета година по ред, во рамки на светското хуманитарно движење Distinguished Gentlemans Ride, во Скопје се вози мото дефиле со цел да се подигне свеста за машкото здравје.
Двајца ентузијасти, Игор Стефановски и Благоја Петровски, веќе трета година успеваат Скопје да го постават високо на мапата на светското движење, Distinguished Gentlemans Ride.
Тоа е она прекрасно дефиле на моторџии кои облечени во стил на џентлмени парадираат низ градот возејќи ги своите уникатни мотоцикли во хуманитарни цели. А тие ги има од разни годишта и од најразлични видови и категории.
Прекрасната колона предизвикува восхит кај сите случајни минувачи а уште повеќе кај познавачите. Токму последниве знаат дека мото-фанови од различни возрасти и струки се спојуваат во една шаренолика колона создавајќи така убава слика на припадност кон некое минато, стилки обележано време.
Со тоа го даваат својот придонес во подигнување на свеста кај мажите за сопственото здравје и во соберањето финансиски средства за борба против рак на простатата.
Оваа година, господата Стефановски и Петровски веќе по трет пат успеаја во намерата да организираат парада, ставајќи го така Скопје во привилегирана положба и во друштво на светските метрополи.
Движењето Distinguished Gentlemans Ride започна во 2012 година во Сиднеј кога Mark Hawwa облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи во чест на негов пријател кој не ја доби битката со ракот на простатата да продефилира низ улиците.
Со организирањето на оваа прекрасна манифестација со силна хуманитарна димензија, Скопје во последната недела од септември станува метропола во вистинска смисла на зборот, и уште добива нова содржина која е прекрасна од естетски аспект и одлична атракција за сите нејзини граѓани.
Големиот интерес за учество, кој веќе трета година е во пораст, уверени сме дека претставува одлична гаранција за успешна организација на Distinguished Gentlemans Ride во Скопје и во иднина. На господата Стефановски и Петровски исто како и на годинешниве учесници им посакуваме „дефилето на господата со мотоцикли“ да прерасне во долгогодишна традиција.