Деновиве салонот на BMW угости модел кој е вистинска реткост. Изложениот M4 CLS под хаубата крие ергела од 550 КС.
Доволен е само еден поглед за да сватите со кога имате средба. Спорт и луксуз спакувани во импресивна целина, наменета само за вистинските сладокусци.
Чистите спортски доживувања се обезбедени уште во она волшебно „М“ кое веќе половина е резервирано за моделите кои се најспортски експоненти од бренд кој, инаку нели, произведува модели со изразито спортски манири.
Да го поткрепиме тврдењето со неколку сувопарни бројки. Трицилиндерски бензинец со шест комори сместени во линија.
Во него функционираат дузина системи за обезбедување на се што е потребно за обезбедување излезна моќност од 550 КС (650 Nm).
Посебна улога имаат двете турбини за преднабивање поставени на всисната страна како и разменувачот на топлината која се равива при тој процес.
Извајаниот купе облик има импозатни димензии (4.794 x 1.921 x 1.386)mm и е поставен на оски кои се одвоени една од друга на растојание од 2.857 mm. Кога до крај ќе се притисне папучата за гас, првата стотка се фаќа за 3,7 а втората за 10,7 секунди.
Стрелката (упс, таблата е дигитална) застанува на максималните 307 км/ч, прекршувајќи ги така џентлменските ограничувања на брзината.
Луксузот, како втора значајна компонента на BMW M4 CLS, многу потешко се опишува.
Едноставно тоа се доживува. Доволно е да се видат посебно одбраните материјали и нивното беспрекорно спојување во една импресивна целина.
И сега за цената! Во оваа класа на посебно специфицирани примероци од М-семејството тој податок воопшто не е тема на дискусија. Тие што треба да ја знаат, си ја знаат.