Новиот адут на Alfa Romeo кој кај нас настапува во хирбидна комбинација со 130 КС ни беше понуден на неколкудневно дружење. Невремето кое владееше за време на тестот воопшто не успеа да го расипе одличниот впелаток. Напротив!
Во големото друштво на групата Stellantis, Alfa Romeo влезе со имиџ на спортски бренд со богато технолошко наследство.
Таму го затекна Jeep кој има беспрекорно минато во изградба на возила со вонасфалтни можности.
Никој не очекуваше така брза материјализација на потенцијалите. Уште повеќе се изненадени скептиците кои стравуваа од губење на брендовскиот идентитет на „алфа“.
Беспрекорен пример е токму Alfa Romeo Tonale кој во Speciale („спечале“) изведба ја презема задачата да се претстави пред светот на најдобар можен начин. Во истата функција е ставен и бензискиот 1,5 литарски турбо мотор кој работи со асистенција на хибридна технологија.
Иницијално хибридниот систем е претставен како Mild hybrid, но оваа дефиниција сфатете ја само условно. Причината за тоа е едноставна, во куќиштето на автоматскиот менувач е сместен систем мотор-генератор кој е способен да вози и само на струја.
Кога ти треба платформа, повикај пријател
Tonale е поставен на платформа со меѓуоскино растојание од 2.636 mm. За помладата популација да кажеме дека е тоа истата неуништива платформа која изворно е развиена за Jeep но која ја користеше целата Chrysler групација вклучувајќи ги тука и SUV варијациите на Mitsubishi.
Во Tonale таа е сетирана на архитектурата со попречен мотор и погон на предната оска, но располага со раскошен капацитет на комбинации. Погонскиот бензинец како и автоматскиот менувач се дело на италијаните.
Потпомогнат со турбо полнач со променлива геометрија (VGT) и оптимизиран со наново развиен систем за директно вбризгување, развива 130 КС. Може тој и повеќе, но се покажа дека и оваа колична на „коњи“ е сосем доволна.
Причината е едноставна: на помош е повикана милдхибридната технологија која во потребни моменти знае да помогне со додатни 20,5 КС.
За да нема забуни, Mild hybrid технологијата ја познаваме како систем во кој склопот мотор-генератор првенствено е наменет за старт-стоп системот во кој има задача за покренување на моторот. Како секундарна функција се јавува ослободувањето на акумулираната електрична енергија за придвижување на останатите потрошувачи.
На оваа позиција инженерите на Alfa Romeo прават чекор кој значи доближување кон класичните хибридни возила.
Тие во автоматскиот менувач поставуваат генератор-електромотор со силина од 15 kW (20,5 КС / 55 Nm) кој работи под напон од 48 волти.
Секое тргнување е на струја која е складирана во литиум-јонска батерија со капацитет од 0,77 kWh. Уште една специфика, за домаќинско трошење на батеријата се грижи систем за ладење.
Имајќи го тоа на ум, а во комбинација со споменатитe можности на платформата, лесно може да се претпостави во кој правец ќе се движи развојот на Tonale.
Убавината на новата технологија се одразува на бензиска пумпа. Динамично SUV возило со должина од 4.528 mm, кое безмалку тежи 1.6 t, во реални услови троши околу 7 литри.
Динамика обезбедена преку наследни (DNA – ДНК) гени
Во крвотокот на секоја „алфа“ непогрешиво се запишани спортските гени. Во пракса таа се манифестира со вртење на електронскиот селектор кој во момент знае да го промени карактерот.
Со бирање на спортскиот мод, Tonale се претвара во амбициозен спортист. Управувачот станува подиректен, педалот за гас реагира без задршка, а амортизерите се поцврсти. Што се однесува до нас, останатите два програми може слободно да ги отстранат.
Причината е јасна – во спортскиот мод возите вистнска „алфа“. Спортска, цврста, директна, одлучна!
Но добро, разбираме, во Европа постојат строги институции кои занемарувајќи го меракот, ја мерат секоја капка потрошено гориво и според тоа ја одредуваат даночната стапка.
Постигнувањата низ бројки
Максималната брзина која ја постигнува Alfa Romeo Tonale е поставена на респектабилните 200 км/ч. Возилото со вкупна тежина од 1.525 kg забрзува за 9,6 секунди и притоа според WLTP нормите троши помеѓу 5,7 и 6,1 литри за поминување на 100 километри.
Иако поради вистинското невреме кое владееше не бевме во можност да ги потврдиме фабрички декларираните бројки, субјективното чувство е дека Tonale моќе да се вози спортски динамично.
И тука веднаш се поставува прашањето за потребата од посилни верзии(?!) или можеби е поцелисходно да дискутираме за електрификација со plag-in верзии.
На ова место би требало да проговориме и за нивото на вградена опрема. Добро, ќе биде доволно да кажеме дека ова е врвниот пакет во кој „нема што нема“ но сепак, тоа најдобро би ви го објасниле во салонот на овластениот импортер. Притоа посебно внимание ќе треба да се обрне на безбедносните системи.
Нема место за дилеми
Во Alfa Romeo говорат за метаморфоза на карактерот. Но без никакви дилеми, Tonele е технолошки најнепредната „алфа“ до сега. Автентичната интерпретација на хибридна технологија е пропратена со безбедносна опрема од најсовремен тип.
Секако дека пазарот ќе го каже последниот збор, но според нашите впечатоци, при дружењето со останатите 13 брендови на Stellantis, Alfa Romeo вистински ужива.
Цената на возената верзија, Alfa Romeo Tonale 1,5 MHEV 130 Speciale изнесува 55.250 евра.
Alfa Romeo Tonale | |
мотор | линиски турбо бензинец со Mild hybrid асистенција , четири цилиндри, сместен напред, попречно |
работна зафатнина | 1.469 cm3 |
пречник и од | 71,2 × 92,2 mm |
напојување | тубо полнач, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 12,5:1 |
максимална силина | 96 kW / 130 КС @ 5.750 |
максимален вртежен момент | 240 Nm @ 1.500 врт/мин. |
пренос на силина | DDCT 7, автоматик со двојна спојка, 7-степени, погон на предна оска |
електромотор | 15 kW (20,5 КС) / 55 Nm |
батерија | 0,77 kWh |
потпирање | Напред: независно, McPherson, стабилизатор Назад: независно, McPherson стабилизатор |
сопирачки: напред / назад | вентилирани дискови / дискови – ABS, EBD, ESP |
должина x широчина x височина | 4.528 x 1.841 x 1.601 (mm) |
меѓуоскино растојание | 2.636 mm |
тежина | 1.525 kg |
максимална брзина | 200 km/h |
забрзување од 0 – 100 km/h | 9,6 секунди |
комбинирана потрошувачка | 5,70 – 6,23 l/100km |
емисија на CO2 (WLTP) | 129 – 139 gr/km |
Интересно
-
Наше мислење
/ пред 1 неделаДржавата ќе го спасува Volkswagen
Опстанокот на големите автомобилски групации не е можен без државна поптпора. Пост пандемискиот...
Од Autoinfo.mk -
Актуелен Миг
/ пред 1 месецДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk