Европската Комисија смета дека увозот на електрични автомобили од Кина е штетен по производителите – доколку до крајот на месецот не се пронајде друго решение ќе следат „казнени“ царински стапки.
На крајот на 2023 година, поради наводни незаконски субвенции за електрични автомобили, властите во Брисел покренаа истрага за нелојална конкуренција против Кина.
Комисијата сега привремено заклучи дека производителите на батериските електрични возила користат субвенции – изјави фон дер Лајен. Како резултат на тоа, производителите во ЕУ се соочуваат со нелојална конкуренција.
Според информациите, сега кинеските производители треба да плаќаат царински тарифи кои може да изнесуваат и до 38,1 отсто. Заштитните мерки зависат од тоа дали може да се пронајде друго решение со Кина. Доколку преговорите на успеат, тарифите веројатно ќе важат од 4 јули.
Стапките зависат од коперативноста при истрагата
Според Комисијата, казнените тарифи за производителите на автомобили BYD, Geely и SAIC, кои се под истрага, би биле 17,4%, 20% и 38,1%, соодветно.
За останатите производители кои соработувале во истрагата важи одреден просек од 21 отсто, а за некооперативните производители максималната стапка е 38,1 отсто. Тарифната стапка во моментов изнесува десет проценти.
Во мај, САД веќе воведоа специјални царини од 100 отсто за увоз на електрични автомобили и други производи од Кина.
САД го обвинуваат Пекинг за нарушување на конкуренцијата преку значителни владини субвенции.
Германските производители на автомобили, кои генерираат поголем дел од својот профит во Кина, предупредија на зголемување на увозните царини на автомобили од Кина.
Според проценките на германските експерти, можните тарифи на ЕУ за кинеските автомобили ќе резултираат со забележително зголемување на набавните цени на електричните возила.
Пекинг предупредува
Кинеската влада постојано ја предупредува ЕУ да не ги зголемува увозните царини на батериските електрични автомобили. „На крајот на краиштата, ова ќе им наштети на сопствените интереси на Европската унија“, ќе изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи.
Истрагата на Комисијата на ЕУ против субвенциите е „протекционизам“ и очигледно има за цел да обезбеди „изговор“ за воведување заштитни тарифи. Брисел ги крши принципите на пазарната економија и меѓународните трговски правила и ја поткопува економската и трговската соработка меѓу Кина и ЕУ.
Најголемиот светски снабдувач на автомобили Bosch, ја предупреди Европската унија околу казнените тарифи. „Јас сум против политиката заснована на тарифи – тоа може да доведе до верижна реакција“, им изјави на новинарите шефот на Bosch, Стефан Хартунг.
Германските стравувања се дека повисоките увозни царини би било исклучително штетно за глобалната економија доколку компаниите треба да избираат помеѓу американскиот и кинескиот пазар поради трговскиот конфликт кој е се поизвесен.