Носејќи строга регулатива за издувните гасови, Европската комисија директно удри врз сопствените производители и им отвори широки порти на кинезите!
Европа е прилично строга во однос на регулативата за возила.
Комисијата преку своите тела веќе трисетина години преку EURO нормите ги одредува техничките услови кои треба да ги исполнуваат новите возила.
Тие норми како главен услов (не и единствен) ги одредуваат максималните емисии на штетни гасови кои се мераат според WLTP мерните циклуси.
При носење на строгите норми, на производителите им е доделена улогата на обични извршители.
Поради финансиски заштеди, тие знаеја да посегат и по ситни превари. Цехот на тие шкртарења околу развојот најдебело го плати Фолксваген групацијата, и тоа по откривање од страна на американските регулатори.
Полесно беше да се изработи софтвер кој ќе ги збуни машините за тестирање на славните TDI мотори, отколку да се развијат нови филтерски системи.
Останатите некако куртулија од ситните законски заобиколувања, но ја сватија пораката. Големи човечки и финансиски ресурси беа наново впрегнати во исполнување на EURO нормите.
И кога сме тука, Euro 7 условите кои требаше да се воведат 2025 година, се одложени на одредено време.
Поради емисијата на азотни оксиди (NOX) дизелот доби црвен картон. Во игра останаа електрифицираните бензинци набилдани со плагин технологија.
Тоа воопшто не е евтино затоа што покрај бензинскиот мотор мора да има и електромотор кој оди заедно со систем на полнење на батериите, а по правило тие мора да имаа капацитет од cca 15 kWh.
А тоа чини пари – возилата неизбежно поскапуваат.
Како бонус на рестриктивната регулатива беше моментот што сондите кои мерат загадување се ставаа на излез на возилата од фабрика.
И да дообјасниме, на секој производител му се смета просекот на загадување од сите сериски возила (без разлика за кој пазар се наменети). За пречекорување на емисијата на издувни гасови, се плаќаат пенали за секој произведен примерок.
Да не си им во кожа
Прилично незгодно нели?! Човек да посака да не функционира како производител под вакви услови.
Чист автогол во име на намалување на загадувањето.
Како резултат од децениските рестрикции беше отварање на офшор компании, или попрецизно преселување на технологија во трети (најчесто во Кина) земји.
А Кина беше примамлива и по огромниот пазарен потенцијал.
Едно големо НО, стоеше на патот на големите продажни тиражи.
Во Кина може да се произведува само со заедничко вложување со кинески партнери (речиси без исклучок во државна сопственост).
Максималниот процент на вложување на странците е 50% со тоа што една тнр. златна акција останува во кинеска сопственост.
Резултатот од тој натпевар беше познат однапред – целата светска (сите сакаа да играат на тој терен) технологија им беше сервирана на кинеските производители.
Тоа им дозволи своите ресурси да ги ангажираат на возила со погон на нови извори на енергија. Да секако, паралено произведуваа класика (без дизели), а развиваа електрифицирани и чисто електрични возила.
Чисти договори
Поради договорите, според кои возилата од заеднички вложувања да не ги продаваат на европскиот пазар, тие интензивно развиваа сопствени стартап брендови.
И сега токму со нив, еве ги на европскиот пазар, и тоа со цел спектар на големи авто-групации. А секоја од нив има свои специјализирани подбрендови, поготово за електрични возила.
Во меѓувреме сите европски брендови кои ќе се најдеа во финансиски проблеми, станува лесен плен на кинеските инвеститори.
Актуелниот момент можеме да нотираме дека го каракатеризира транзиција на европските производители и тивок но постајан раст на присуството на кинезите.
Заедничко за сите е исполнувањето на EURO нормите.
А тие како што рековме подразбираат електрификација на целата гама како преоден период на премин кон целосно електрични возила.
Односно кон автомобили со нулта емисија на штетни гасови. Тоа чини многу пари за развој, а токму на тоа поле кинезите (па и Tesla) имаат предост од барем една деценија.
И тогаш нормално е што тие си дозволуваат жонглирање со цените, поточно да си играат како Реал против третолигашот Депортовo.
Токму вложувањата во новите технологии, а не како што нашироко се заговара дека е тоа евтината работна сила, им ја дава предноста пред европските производители.
Како за илустрација на нивната теххнолошка надмоќ да ја искористиме информацијата која говори дека во производниот процес веќе се вклучени хуманоидни роботи.
(Пре)строгите EURO норми продолжуваа да важат, претварајќи се така во јамка околу вратот на европските производители.
Дали рековме, автогол? Не, поточно е да кажеме дека се тоа автоголови од кои се испаќа од лигата на шампиони.
текст: Агрон Сулејман