СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Дали да се купи кинеско возило?

 

Купувачите се исправени пред дилемата, дали вреди да се инвестира во кинески возила?

Моментално во Пекинг се оддржува автомобилски салон. Лавината од новитети е очекувана најмалку каков што е и растот на нивното производство!

А тоа веќе ги надминува потребите на домашниот пазар. Извозот е лек кој кинеските стратези одамна го предвидоа, а сега е вистинско време на планот за глобална експанзија.

Кинеските брендови се присутни и на нашиот пазар, а ќе ги има уште повеќе. На постојните импортери, без никаков сомнеж, во блиска иднина ќе им се придружат и нови групации со повеќе свои брендови.

Прашањето кое се поставува би гласело: колку се добри и дали воопшто вреди да се размислува за купување на автомобил на кој стои ознаката „Made in China“.

Ако го погледнеме контекстот во кој се одвива процесот на „кинезизација“ на европските пазари, незибежен е фактот што тој во голема мера се одвива и како последица на депресијата на традиционалните брендови.

Без разлика на причините очигледно дека во иднина ќе се соочуваме со широк избор на модели од кинеските брендови.

И веднаш да го кажеме нашиот заклучок – тоа воопшто нема да биде лошо. Напротив!

Темелно испланиран настап

Кинеските авто-групации многу темелно го планираа освојувањето на Европа (каде и ние припаѓаме, нели?) па затоа и нивната понуда е прилагодена кон специфичните барање на најпробирливиот светски пазар.

Најголем проблем, токму со нивните навики, е отсуството на понуда на автомобили со дизел мотори. До пред неколку години тие на Стариот континент сочинуваа половина од продажбата, но сега тој процент е паднат на околу четвртина.

Кај нас сеуште владее некоја носталгија за одумирачките дизели, и тие сеуште се најпреферирани, но новите трендови немаат баш обзири за нашите емоции.

Реалноста вели дека дизелите веќе стануваат реткост и кај европските производители, а и јапонците (заедно со корејските) „кармејкери“ сите одред се откажаа од нафташите.

Што се нуди?

Значи, нам ни се нудат кинески брендови со бензинци (најчесто со турбо мотори од 1,5 литри), поретко хибридни (иако сите ги имаат) а уште поретко чисто електрични модели.

Токму кинезите ја поседуваат најсовремената технологија на електрични возила со која мора да се соочат европските производители. А тоа баш тешко им поаѓа од рака.

Гледано од аспект на категории, тоа воглавно се SUV/кросовери од сите класи. Седаните и хечбек верзиите се воглавно со електрични мотори.

Можеби во понудата најголемо изненадување претставува дизајнерскиот момент.

На тоа поле кинезите играат на сигурно – за дизајнот ангажираат или европски студија или пак возилата ги цртаат дизајнери школувани во Европа. Ненадминлив е впечатокот дека во однос на стилот и имиџот европјаните бегаат за цело копје.

Без многу мудрување лесно може да се заклучи дека квалитетот на изработка и употребените материјали во целост ги исполнуваат очекувањата.

Вградувањето на опрема и безбедносни системи се на нивото на европските, но за една степеница под корејските марки.

Технолошки гледано, тука се е во ред. Огромното портфолио, со кое располагаат групациите во државна сопственост, им дозволува бесконечен избор на технички комбинации.

Убедени во сопствнеиот квалитет производите ги гарантираат со основните пет години, но не се исклучок и седумгодишните гаранции.

И сега цената. На таа политика кинезите обрнуваат посебно внимание. Секогаш поевтини од конкуренцијата, но не и премногу. Очигледно е дека имаат големи резерви во тој поглед, но немаат намера да се откажуваат од екстра профитот.

На крајот од овој краток преглед, да одговориме на основното прашање: дали вреди да се размислува за купување на кинеско возило?

Да, секако. Се плашиме дека можеби во блиска иднина ќе немаме и некој голем избор!

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг