Компактниот СУВ се претстави со 3 различни мотори, погон на една или двете оски и со пет нивоа на опрема.
Со продадени 11,2 милиони возила, Toyota е најголемм светски производител. Тоа го постигнува со специфичен пристап кој го негува кон секој пазар поединечно.
Токму таков пример е моделот C-HR кој е проектиран и произведен исклучиво за европските клиенти.
А размазените европјани многу внимаваат на стилот, еколошкиот момент и постојаниот квалитет. Тие карактеристики ги имаше и првиот C-HR кој од своето претставување во 2017 год. па се до појавата на наследникот го пронајде патот до 840 илјади купувачи.
Високо подигнатата летвичка беше вистински предизвик за развојните инженери. Резултатот го видовме во салонот на домашниот увозник, каде гордо беа изложени неколку примероци.
Првиот визуелен впечаток е „вау“. Новакот изгледа и повеќе од одлично. Дизајнерски разработен до најситниот детал, C-HR оди чекор над очекувањата.
Прегледот на техничките податоци, воопшто не заостанува зад визуелната прекраснотија.
Хибридните решенија се одамна одoмоќени кај Toyota, па сега сме сведоци на 5-тата генерација која е додатно оптимизирана. Основниот мотор во понудата е 1.8 литарски кој ослободува системска силина од 140 КС.
Поголемиот мотор, од 2 литра извлекува 197 коњи кои преку автоматскиот менувач (CVT), користејќи го AWD-i системот ја пренесува силината на сите четири тркала.
Врв на понудата е Plug-in изведбата која со полна батерија може да помине преку 60 километри само на струја.
Организацијата на внатрешноста и употребените материјали се современ час по екологија. Исто како и вградената сериска опрема која во однос на безбедноста не прави компромиси – сите системи ги има сериски и во основниот модел.
Иако критериумите за цени, уште од времето на пандемијата, прилично се изместија, сепак да истакнеме дека Toyota C-HR се нуди со почетна цена од 33.990 евра. За останатите верзии најдобро е да се обратите кај домашниот увозник.