Веќе докажаниот целосно електричен репрезент на KIA, моделот EV6 е изложен во салонот на домашниот увозник.
KIA одлично ги антиципира светските движења. Во широката палета модели посебно внимание заслужува EV6, како прв модел изграден на ново развиена платформа.
Да, се разбира, станува збор за чисто електрично возило кое го зазема своето место во „Д“ сегментот.
Околу оваа категоризација сигурно ќе се развива дискусија, ако ништо друго поради фактот што самиот производител го декларира автомобилот како SUV/кросовер.
Според личните сфаќања секој ќе најде аргументи за бранење на своите ставови, а во тоа секако ќе помогнат фактите. А тие велат: во платформа со меѓуоскино растојание од 2.900 mm е поставено возило со димензии (4.695 x 1.890 x 1.550)mm.
На самите лимузински граници е поставено и растојанието од тлото (клиренс) кое изнесува 160mm
Ако за категориската припадност може и да се дискутира, со вградената технологија тоа не е случај – таа припаѓа на самиот светски врв.
Два електромотори со вкупна силина од 325 КС (605 Nm) поставени на двете оски, овозможуваат забрзување од 5,2 секунди и брзински максимум (електронски ограничен) од 188 км/ч.
Сетот на литиум-полимер (LiPo) батерии има капацитет од 77,4 kWh кои се доволни за автономија од цели 506 километри.
Повторното полнење на батериите зависи од типот на полначот и моќноста на изворот. Во најлош случај, кога возилото е приклучено на наизменична струја со максимална излезна моќност од 11 kW (домашен приклучок) потребни се 7h и 20 min.
Во случај на приклучување на брз, 50 киловатен полнач времето се крати на 73 минути. KIA EV6 може да бие приклуен и на супер брзи полначи (до 350 KW), а во тој случај времето на полнење се мери во неколку минути.
Цената? За GT Line изведбата во салонот на домашниот увозник ќе ви побараат 64.950 евра. Малку, таман или многу, секој ќе си одреди според сопствените критериуми.
Но притоа треба да се има на ум дека како противредност на вложените средства се добива електрично возило во кое е вградена врвна технологија, кое е опремено со сите можни системи за безбедност, и кое е извајано до перфекција.
Плановите на KIA цврсто се врзуваат за електрификацијата, веќе е прикажан знаменосецот, EV9, а интензивно се работи и на помали по димензија модели.