Градот Скопје никако не може да се пофали со педантност во регулирање на сообраќајот. Наместо да помогнат, некои пешачки премини додатно ги усложнуваат состојбите.
Секој од нас во одреден момент се наоѓа во улога на пешак.
Преточено во нашето сообраќајно живеење тоа без исклочок значи дека секој од нас во одреден момент се става во улога на најранливата катагорија учесници.
Таа перспектива во значајна мера го детерминира нашето однесување. Барем така би требало да биде.
Неретко, самото седнување зад управувачот на некое моторно возило, знае нагло да го смени карактерот на возачот.
Обратниот процес трае уште пократко. Симнувањето од возило веднаш го буди нашето префинето чувство за неприкосновените пешачки права.
Веруваме, сите заедно ќе се сложиме дека сето тоа е во разбирливите природни реакции кога човек ќе се најде во различни улоги.
Регулатива и неретка злоупотреба на положбата
Тоа го знаат и возачите почетници, кога пешак ќе стапне на означениот премин, мора да се сопре возилото. Освен сообраќајните прописи тоа го налагаат и општите цивилизациски норми. Одлично, така и треба да биде.
Но, ние не би биле такви какви што сме, ако не успееме и позицијата на пешаците да ја вулгаризираме до неподносливи граници.
Очигледен пример се бројните премини каде отсуството на светлосна сигнализација доведува река од пешаци да поминуваат преку коловозот, притоа сопирајќи цели колони возила.
Во долгите временски шпицеви, колоните најчесто се протегаат и во двата правци. Таквите пешачки навики воопшто не придонесуваат за побрз проток на возилата, ниту пак одат заедно со намалувањето на емисијата на издувни гасови.
Појдете по улицата „Цветан Димов“ (такви примери има насекаде низ градот) и ќе се уверите како колоната возила не може да се помрдне затоа што пешаците поминуваат еден по еден, кој како пристигне до зебрастиот премин.
За да се усложнат уште повеќе работите, почитувајќи ги правилата и прописите, сообраќајната полиција со мирна совест би можела да го санкционира секој возач кој не пропушта пешак кој веќе го нагазил преминот.
Што вели пешачката перспектива
Кога говориме за градот Скопје, воглавно говориме за сообраќајни решенија кои се одвиваат на едно ниво.
Со ретки, многу ретки исклучоци, такви ни се и пешачките премини. Можеме да се пофалиме со бројни ситуации кога треба да се премине преку булевари со три коловозни ленти на кои нема светлосна сигнализација.
Најчесто тоа се булевари со зеленило по средината, факт кој додатно ја усложнува состојбата.
Имаме и пример (кај МАНУ) на поминување преку шест коловозни ленти и тоа без средишно одмаралиште и семафори.
Од перспектива на пешак, прилично стресна ситуација. И крајно небезбедна. Замислете само како повозрасно лице, родител со детска количка, или поголема група деца од школска возраст, кои треба да преминат на спротивната страна а е соочена со река надоаѓачки возила од двата правци.
Со постојното ниво на сообраќајна култура, тоа е најдрско предизвикување на личната безбедност.
Познати решенија
Очигледно, говориме за две спротивставени барања: од една страна стои опасноста од нерегулираните пешачки премини, а од друга страна намалувањето на сообраќајниот метеж.
Во дадената ситуација решенијата се крајно едноставни, одамна познати и ефикасно функционираат во одредни делови од градот.
Поставувањето на семафори на прв поглед се чини како банално решение кое ќе го попречува нормалното движење на возилата.
Не треба многу мудрост за да се согледа токму спротивниот ефект.
А и многу побезбедно е да се помине пешачкиот со семафорски благослов отколку да се ослонуваме на возачката совест.
Во порелаксирачкиот интензитет на сообраќај може тие семафори да се исклучат, токму како што е тоа пракса таму каде што ги има.
Елегантно решение кое ќе ги помири двете наизглед контрадикторни барање за безбедност на пешаците и проточност на сообраќајот.
Да не заборавиме, во суштина говориме за загрозување на безбедноста на пешаците предизвикана како од нерегулираните премини така и од нивното „снаоѓање“ при преминувањето на коловозните ленти.
текст: Агрон Сулејман