Според важечките законски прописи кои се повикуваат на заштита на личните податоци, од возилата не е дозволено да се снима сообраќајот.
Се случува незгода во која има материјална штета, или што е многу полошо, сообраќајка во која има повредени лица.
Случајно располагате со снимка – направена од вашето возило или од случајно затекнат очевидец, сеедно.
На неа точно може да се види причината, но полека, не брзајте со доказите. Според нашите прописи тие на суд нема да ви бидат од никаква корист, па дури може да бидат искористени против вас за нарушување на заштитата на лични податоци.
Нонсенс невиден. И во незгодите со човечки жртви нема да можете да ја докажете очигледната вистина. НЕ!
До фактите за немилиот настан ќе се обидат да дојдат обвинителите, полициските службеници, многу ретко специјализираните вештаци, но никако нема да бидат земени предвид најочигледните докази приложени преку видео снимки.
И сето тоа поради некој член од законот за заштита на личните податоци. За настан кој се одвива на јавен простор. Па на вака високите стандарди во сочувување на приватноста можат да ни позавидат и најразвиените демократии.
А постојат земји каде камерите во возилата не само што се дозволени, туку се и законска обврска. За пример да ги земеме Канада, Австралија, Русија,…
Во Европа ние сме единствениот пример на забрана на поставување камери во возилата.
Залудно некои производители веќе во основното ниво на новите возила вградуваат видео камери! Тие ќе мора да бидат демонтирани.
За фактите при случај на незгода, голем интерес покажуваат и осигурителните компании. Но, повторно, НЕ!
Наместо тоа, во нашата демократски настроена држава, ќе одлучуваат судовите. Со процеси кои знаат да потраат и со години – неретко и со епилог кој е против здравиот разум и во спортивност со (евентуално снимената) фактичката состојба.
И повторно се поставува прашањето: зошто, кога тоа може да се реши брзо, ефикасно и праведно. Заморени сме веќе од нерасчистени ситуации, а и крајно време е да почнеме со одвикнување од тенденциозните неправди.
Ако видео камерите ги сфаќаме како некое големо оптеретување на возачкиот буџет само ќе го наведеме податокот дека еден таков уред со HD квалитет чини помеѓу 40 и 50 долари. Или помалку од еден резервоар со бензин, толку.
Кратко и јасно: имаме уредба која ВЕДНАШ треба да биде отстранета од нашите прописи, односно судовите треба да ги прифаќаат видео снимките како валиден доказ.
Без разлика од кој извор и на кој начин се добиени. Толку едноставно – само треба да покажеме малку рационалност и чувство за праведност.
текст: Агрон Сулејман