СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Електрификацијата не е тема која го заслужува нашето внимание

 

Додека светот забрзано се подготвува за електрификација на возилата, ние незаинтересирано го следиме процесот на изумирање на моторите со внатрешно согорување.

Најавата за пристигнување на нов модел на нашиот пазар кој исклучиво користи електрична енергија веќе не е некоја посебна новост.

Има импортери на нови возила што се „принудени“ на тоа додека други на тој чекор се впуштаат поради желбата да се следат светските трендови.

Убаво е сето тоа. Но дали треба државата да дозволи стратегијата околу така важно прашање да зависи само од желбата и визијата на увозниците и нивните принципали.

Секако дека стихијата нема воопшто да помогне да се качиме на еколошките автомобили кои незапирливо возат кон иднината.

Новите технологии сеуште се значително поскапи од возилата со класичен погон па затоа користењето возила со нулто загадување државите го поддржуваат со серија мерки.

Што прави светот?

Спектарот на стимулации е доста широк, започнувајќи од субвенции при купувањето, преку неплаќањето на годишен данок на движности (за среќа, ние таков немаме), потоа со олеснувања при регистрација, неплаќањето патарини и паркинзи, па сé до поевтини тарифи за полнење на батериите.

Планирањето не запира тука – иако работниот век на батериите е проектиран на најмалку 8 години, веќе се изградени центри за нивно складирање и рециклирање.

На ниво на Европа изготвен е прецизен план за изградба на полначи, покривајќи ги така сите главни континентални артерии. Поголемите градови веќе располагаат со респектабилен број полначи, а во населените места, по приватните куќи, се монтираат т.н. ѕидни полначи (wallbox).

За одлучноста на стратегијата за електрификација говорат и плановите на производителите кои најавуваат прекинување на производството на класичарите до почетокот на идната декада. Потоа ќе произведуваат само електрични возила.

Што ние правиме?

За жал, ништо. Ама баш ништо. Легислатива немаме, oлеснување при купување, уште помалку. Ние дури немаме ниту можност за поставување на јавни полначи, заради тоа што немаме закон кој би овозможил малопродажба на електричната енергија.

Ако најпрвин ви текнува споредба со некоја Афричка држава, ќе да сте проклето во право.

А ако некој сепак се реши да си купи електрично возило – убаво за него. Ќе си плати полна цена, и со здравје нека се вози. За полнење на батериите, мора сам да се замисли, … и сам да го решава проблемот.

Па нели никој со сила не го тера да мисли на чистите технологии, загадувањето и сличните глобални зезалици.

И без тоа државата има доволно проблеми со задржување на Euro 4 нормите. Сé во служба на моторизација на нацијата, па макар и на штета на безбедноста. Оставете го сега загадувањето, до таа лекција сеуште не сме стигнале.

Тоа што по триста пати на ден слушаме изјави за добивање датум за преговори, со кои треба да им се придружиме на европските држави, сепак повеќе ќе да е некаква политичка догма.

А во Европа, види сега беља, не може да се вози со дизели произведени пред повеќе од 15 години.

Што треба да се направи?

Ако го занемариме цинизмот од претходниот пасус, и ги извлечеме поентите, лесно ќе дојдеме до решението.

Поточно, воопшто не мора да се заморуваме со „измислување“ некакви мерки. Доволно ќе биде само да се копираат позитивните искуства од соседните држави кои се членки на ЕУ. Толку.

Дека со тие мерки нема којзнае колку да го поравиме квалитетот на воздухот кој го дишеме, тоа сигурно не. Дека со давањето субвенции и стимулации при набавката и употребата на електрични возила ќе го преоптеретиме државниот буџетот, и тоа не.

Дека ќе направиме дисбаланс помеѓу енергенсите, тоа па најмалку. Ние безмалку целата потребна енергија ја увезуваме, па помалку е важно дали тоа ќе биде нафта, гас, јаглен или пак електрична енергија.

Но барем ќе покажеме малку свест, и малку почит кон сопственото здравје, а потоа и кон напорите за развој на чистите технологии кои ги вложува прогресивниот свет.

 

 

текст: Агрон Сулејман

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг