Ќе им биде ли забрането на луѓето да возат автомобили? Ова прашање си го поставија самоповиканите експерти за сообраќајната иднина на салонот во Минхен.
Нормално, форумот организиран од нивна страна иако посетен, не беше проследен со доволна медиумска поддршка и дури досега остана практично под сенка на останатите настани таму.
Причината е што сите нормално расположени луѓе во нивните ставови препознаа „глупости“, меѓу кои сепак имаше и понекоја паметна мисла.
Основното беше дека според сознанијата на самопрогласените креатори на автомобилската иднина, до 2050 година на луѓето ќе им биде забрането возењето автомобили.
Причината за тоа е дека тие, цитираме: „само би им пречеле на автономните возила и би предизвикувале несреќи“, завршен цитат.
Напредокот во автономното возење е неспорен и неумолив кога ќе се погледне каде ќе нé одведе, но сепак не до толку да сметаме дека привилегијата сами да возиме еден ден некаде до 2050-тата ќе ни биде укината.
Имено, колку и да се развиваат технологиите, сфаќањата на општеството од морален и правен аспект не можат тоа да го следат.
Оптимистичките прогнози велат дека од 2024 година автономните возила ќе станат побезбедни од оние со возачи.
Понатаму, во прашање на безбедноста, се споменува дека 2040 година би била некој вид референца, односно преломна точка за потполно автономното возење.
Со целиот така брз предвиден развој на технологиите е дојдено до прашањето кога сите автомобили на патиштата би имале автономни својства, што само по себе следи и до забраната за нивно возење од страна на возачите.
Но, бидејќи секогаш има едно големо но, иако предностите на технологиите никој не ги оспорува, се поставува прашањето дали луѓето ќе бидат подготвени безрезервно да им веруваат.
Ние би рекле тешко, сметајќи дека ниту во 2050 година не би биле подготвени своите животи да им ги ставиме на располагање на автономните технологии, колку и да се тие напредни.
Во некои ограничени сектори на употреба сигурно да, но дефинитивно не во сите, бидејќи моралната одговорност на технологиите е нешто што не може воопшто да се дефинира.
Сепак, како заклучок на дискусијата водена на салонот во Минхен, може да се извлече фактот дека до 2050 година автономните возила би биле толку напредни за да слободно може да им се забрани на луѓето да возат автомобили.