Денес, во еден од урбаните локали на градот „Casa Bar“ – Дебар маало, а под слоганот „Помалку нормално. Повеќе Mokka“ се одржа едно пријатно предпладневно дружење по повод пристигнувањето на новата Opel Mokka во Македонија.
Конечно. Да, се чини конечно ова е почеток на враќање кон старото „нормално“. Прв се одважи Еуроимпекс и експресно по објавување на новите анти-ковид мерки организира презентација на нов модел.
Во срцето на Дебар маало во култната кафетерија „Casa Bar” беше изложен примерок на новата Opel Mokka. Извонредна комбинација на современ урбан кросовер и амбиент во кој младата скопска популација поминува часови на дружење и забава.
Всушност, тајната на успешната симбиоза се крие во адекватноста на карактерите. Атрибутите: млади, забава, современо живеење, сфаќања, … одлично прилегаат како на автомобилот така и на локалот.
И токму поради тоа, присутната стручна јавност заедно со екипата на Еуроимпекс за миг успеаја да ги заборават лошите искуства кои ни ги наметна пандемијата. Уште повеќе, сите се почуствуваа како дел од автомобилскиот свет каков што го знаеме и каков што сакаме повторно да го гледаме.
Секако, во центарот на вниманието беше целосно новата Mokka. Изложениот примерок со својата Black Perla Nera боја доминираше во изложениот простор.
Храбро дизајнираниот кросовер се карактеризира со новата Vizir-фаца, но ако внимателно се погледне посветеноста кон дизајнерските детали ја открива се поцврстата поврзаност со своите француски блиски роднини.
Воопшто не станува збор за пренесени решенија, напротив оригиналноста е главна особина, но досега дизајнерите на Opel ретко обрнуваа внимание на детали кои го дефинираат вкупниот впечаток.
Механичката основа останува во корпорацискиот двор. Понудените бензинци се добро познатите трицилиндерски (1,2 литри) пропулзии кои овде развиваат максимални 100 и 130 коњи, дизелот има зафатнина од 1,5 литри, а како што налага редот во понуда е и чисто електрична верзија.
„Новата Mokka е забавна, ефикасна и иновативна. И со право го носи слоганот „Помалку нормално. Повеќе Mokka. Овој модел го комбинира елегантното и чистото визуелно искуство со моќната експресивност. Секој детаљ на новата Mokka е внимателно креиран и осмислен така да се допадне на потенцијалните клиенти уште по првиот поглед.
Се надеваме дека овој модел ќе им се допадне на клиентите и дека ќе предизвика во нив емоции кои дизајнерските експерти ги предвиделе при креирањето на истиот“ – изјави Кирил Воиновски, Генерален директор во Еуроимпекс.