Легендатрниот Fiat 500 се појави во 1957, реинкарнацијата се случи во 2007, а годинава доаѓа нова, целосно електрична „петстотка“ која е силно свртена кон иднината.
Да се објаснуваме околу историјата на Fiat 500 би значело да начнуваме една од најуспешните саги на историјата и културата на урбаниот транспорт. Едноставно тоа е легенда, личен стил, култура на живеење, … и многу повеќе од обичен автомобил.
Неговото раѓање во 1957 година означи почеток на перосналната мобилност достапна за широките маси. Оригиналната механичка постава со мотор, менувач и погон сместени во задниот дел, послужија во многу делови од светот како основа за моторизација на нациите.
Сеуште ни се свежи сеќавањата на авантурите со Zastava 750 – популарниот „Фиќо“ – кој лиценцно се произведуваше во Крагуевац.
Реинкарнацијата на Fiat 500 која се случи во 2007 година значеше поставување нови стандарди во сегментот на градските автомобили. Погонскиот склоп се сели на предната оска, ослободувајќи додатен простор во кабината.
Со мали естетски интервенции моделот успешно се произведува веќе 13 години, и сеуште е баран на сите континенти.
Очекувањата на клиентите од наследникот досегаа до понуда на некој вид хибридна технологија. Fiat го понуди новиот 500 la Prima како батерско електрично возило надминувајќи ги со тоа сите очекувања.
Како надоградба сега доаѓа верзијата „3+1“ која јасно укажува на вградувањето додатна странична врата.
Досегашните хечбек и кабрио изведби добиваат свој трет член. Да ги отстраниме веднаш дилемите, пропорциите остануваат исти, а димензиите на „3+1“ се незначително зголемени.
Од промените профитираат патниците на задната клупа кои сега имаат далеку полесен пристап. Воопшто да не го споменуваме сместувањето во детските седишта, операција која порано бареше доста гимнастика.
Асиметричната врата како решение сме ја виделе и порано, но дизајнерите од Centro Stile решиле таа да се отвара опозитно од предната врата и тоа само кога таа е отворена. Со тоа е отстранета и грижата околу неконтролирано отварање. Накракто: досетливо и крајно практично решение кое дава нова димензија на употребливоста на задната клупа.
Чиста електрика
Храброста и самоувереноста со која Fiat одлучи во 500 „3+1“ да ги пензионира бензиските, па и хибридните мотори, е импресивна и визионерска. Новиот градски автомобил ќе се движи само на електрична енергија.
Лесно е ова да се каже, меѓутоа уверени сме дека таа одлука е проследена со голема доза на неизвесност. Можеби и највеќе поради цената – батериските електрични возила сеуште се видно поскапи од своите класично моторизирани браќа.
Во оправдувањето на (очекувано) високата цена, Fiat става во функција, несвосјтвена за класата, голема количина безбедносна и комуникациска опрема.
Издвојуваме: адаптивен темпомат со одржување на коловозната лента, препознавање на сообраќајни знаци, самостојно сопирање со препознавање на пешаци и бициклисти, интелигентна асистенција на брзината, паркинг камера со покривање од 3600, електрична рачна сопирачка, …
Едицијата која треба да отвори ново поглавје во урбаната мобилност е наречена 500 3+1 „la Prima“, а сета погоре опишана опрема е вградена во неа. И не само тоа, стандардните опции уште вклучуваат и приклучоци за полначи со разна моќност како и вообичаената опрема од видот на автоматска клима и конекциски можности.
Наменски оформени пакети: Action, Passion и Icon
Во првиот степен во демократизацијата на електричната мобилност е вклучен е-мотор од 70 kW (95 КС) кој забрзува за 9,5 секунди, а само-ограничувачката електроника му дозволува Vmax од 135 км/ч. Литиум-јонските батерии со капацитетет од 23,8 kWh според WLTP мерењата дозволуваат радиус на движење од 180 km, додека ако се вози само низ урбани средини автономијата се искачува на 240 km.
Следното скалило, Passion има посилен мотор и покапацитетни батерии. Гледано низ бројки тоа значи мотор од 87 kW (118 КС), Vmax од 140 км/ч, сет батерии од 42 kWh, автономија од 320 km според WLTP и 460 km во град.
Со притискање на педалот за гас треба да се биде внимателен затоа што до 50 км/ч забрзува за 3.1 секунда додека стотката се фаќа за 9,0 секунди.
Оптимизацијата на празнење на батериите може да се изврши со бирање на еден од трите начини на возење, Normal, Range и Sherpa.
Прилучен на брз полнач од 85 kW, за полнење на испразнетата батерија до 80% од капацитетот потребни се само 35 минути. Овде веќе се насетува патничката димензија на новиот, 500.
Највисокото ниво, 500 Icon треба да го прикаже вкупниот потенцијал од стил, технологија и материјали кој до сега го гледавме во Riva едицијата.
Додека капацитетите се еднакви како и кај Passion, разликата се прави во вградената опрема, но и во конективните можности сублимирани во новиот забавно-комуникациски систем UConnect 5 кој функционира по пат на гласовни команди. Доволно е да се каже „Hey Fiat“ и веднаш до 8 различни уреди да бидат безжично вклучени.
Бројните апликации со кои се контролираат функциите и состојбата на батериите, веќе се составен дел на секој голем проект од типот на Fiat 500.
текст: Агрон Сулејман
фото: Fiat
Интересно
-
Наше мислење
/ пред 5 часаДржавата ќе го спасува Volkswagen
Опстанокот на големите автомобилски групации не е можен без државна поптпора. Пост пандемискиот...
Од Autoinfo.mk -
Актуелен Миг
/ пред 4 неделиДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk