Реакционерско или трезвено размислување – Чешка ги изненади сите со својот став за забраната за продажба на возила со мотори со внатрешно согорување во ЕУ.
Откако Италија побара нејзините суперавтомобили да се исклучат од законот на Европската Унија за забрана на продажба на сите нови возила со мотори со внатрешно согорување, со свој став се јави и Чешка.
Поводот е ист но причината за незадоволството на оваа европска држава е различен – до толку што јавноста лесно може да се запраша дали се работи за реакционерско или пак трезвено размислување.
Имено, Чешка како 16-та земја во ЕУ според бруто националниот производ не може да си дозволи да размислува еднакво како Германија, Франција или другите богати земји во Европа.
Тоа нам сосема ни е јасно, посебно ако ја тргнеме настрана политичката реторика на сите, дури и на најбогатите, и погледнеме на ситуацијата и амбициите со реални очи.
Затоа и додека другите се натпреваруваат со плановите за престанувањето на продажбата на возила со класични мотори до 2030 или 2035 година, чешкиот премиер Андреј Бабиш се осмели да биде искрен.
Противејќи се на тој план, неговата изјава по повод ова беше кратка и јасна: „Нема да се сложиме со забраната за продажба на автомобили на фосилни горива. Тоа не е можно.“
Ако погледнеме подлабоко, нам ни останува само да се запрашаме што мислат земјите кои не се толку богати како Чешка – Романија, Бугарија и Хрватска, на пример.
Да не говориме за материјалната состојба на државите од нашиот регион бидејќи до 2035 година може да се случи и ние да бидеме дел од широкото семјство на Европската Унија.