СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Хибридите ги поминаа дизелите

 

И тоа се случи – во 2021 година во Европа за прв пат повеќе се продадени хибриди отколку дизели.

Според податоците на асоцијацијата на европските производители на автомобили ACEA лани во Европа се продадени 2.078.022 возила со дизел мотор.

Тоа во споредба со 2020-тата е опаѓање за 33,1 отсто, при што најмногу од дизелите се откажаа Британците, Холанѓаните и Данците – меѓу 46,5 и 48,1 отсто, додека позитивна е само Бугарија каде се продадени за 15,1 отсто повеќе возила со дизел мотор.

Истовремено во Европа се продадени вкупно 2.409.495 хибридни возила, што е за 58,5 отсто повеќе од поланската 2020 година. Најголемите порасти се забележани во Словенија (236,4 отсто) и Хрватска (195,4%), додека во Норвешка нивниот број опадна за 20,1 отсто.

Солидно порасна и продажбата на плаг-ин хибриди – за 68,5 отсто, на вкупно 1.045.022 возила. И тука процентите по земји се големи, најмногу повторно во Словенија (389,7%) но и во Грција (228,6%) и Ирска (216,7%), додека во ниту една земја која ја опфаќа статистиката на ACEA не е забележана нивна помала продажба.

Целосно електричните возила, пак, освоија 1.218.360 купувачи, што е пораст за 63,4 отсто во однос на 2020 година. Најдебели се плусевите во Грција (220,5 отсто) и Хрватска (176,7%), а во Чешка и Холандија е забележано опаѓање на нивната продажба за 17,8 односно 12,1 отсто.

Што се однесува до продажбата на возила со бензински мотори, таа е намалена за 17,4 отсто, на 4.756.897 примероци.

Тука процентите веќе се пошарени и се движат од минус 44,9 во Литванија до плус 21,4 во Хрватска. ACEA наведува уште и дека лани се продадени 43.526 возила на природен гас и 226.707 на други алтернативни горива, главно на течен нафтен гас и етанол.

Согласно сето ова, учеството на бензинските возила на европскиот пазар лани изнесуваше 40,4%, на дизелите 17,6%, на возилата на други горива 2,3%, на хибридите 20,5%, на плаг-ин хибридите 8,9% и на електричните возила 10,3%, односно на сите електрифицирани возила заедно 39,7%.

Статистиката на ACEA опфаќа 28 европски земји – ЕУ минус Малта плус Велика Британија, Норвешка, Швајцарија и Исланд.

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот