СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Субвенции да, ама какви?

Владата подготвува субвенции при купување на нови или користени возила. Кои мерки се предлагаат, и што навистина тие ќе донесат?

Луѓе ова веќе не се издржува – сообраќајот ни е пред колапс. Со заладување на времето неизбежно доаѓа и загадениот воздух. Поготово во поголемите градови, а за Скопје одамна важи дека е меѓу најзагадените градови во светот.

Тоа е вистината погледната од аспект на учесници во сообраќајот кои мака мачат да си го сочуваат своето здравје.

Од друга страна на нашата реалност стои регулаторот на општите и посебните правила, односно власта. Од една страна најодговорните во државата треба да ги задоволат потребите за моторизација на нацијата, од друга страна да ја полнат државната каса, и од трета страна тоа да изгледа како „напор“ со кој треба да се задоволат сите страни.

Се разбира дека тоа не е можно, па Владата во потрага по некакви решенија предлага разно-разни мерки, кои најчесто се водат по принципот, важи-неважи! Поточно, се носи мерка за субвенција при купување на хибридни и електрични возила (три односно пет илјади евра) за која потоа во буџетот не се одвојуваат средства.

Потоа предлага субвенционирање на купувањето на користени возила (ама да биле со понов датум) за да потоа повторно се откаже од бесмислената идеја со образложение дака во државната каса не се обезбедени средства.

 

Што сега се предлага?

Сега актуелни се предлозите за воведување на данок кој треба да ја замени сегашната акциза (на луксузна роба, нели) која пак се пресметува при купувањето на нов автомобил. Акцизата се пресметува скалесто, според вредноста навдена во влезната фактура. Притоа, поскапите возила се теретат со повисока акциза.

Како подобра опција (за буџетот) Владата во својот најнов предлог наведува дека во иднина данокот да се пресметува според вредноста на издувните гасови, поточно според емисијата на јаглерод диоксид. Убаво звучи, па дури и наликува на закони кои важат во ЕУ.

Фалинката е што предлогот го зима во предвид само CO2 а не и штетните азотни оксиди. А баш поради емисија на NOx, Volkswagen падна во Америка.

Дубиозата на предложените мерки станува многу подраматична кога истите треба да се применат и на користените возила.

Кој е тој што ќе го измери реалното загадување на користено возило. Што ако катализаторот му е изваден и тој, иако релативно нов, загадува како стар трактор? На оваа техничка позиција ќе се сопне и најдобронамерната идеја. Едноставно, реални мерења на издувните гасови во моментов претставува прескап спорт.

Ние треба да се осврнеме кон реалните решенија и да избегаме од предлозите кои говорат за субвенција при купување на користено возило. Настрана фактот што објавувањето на секој нов предлог, ја преполовува посетеноста на продажните салони. Од новите мерки купувачите со право очекуваат одреден бенефит.

 

Постои ли адекватна мерка?

Имплементирањето на било каква нова мерка носи повеќедимензионални последици. Популизмот секогаш стои наспроти новите технички критериуми.

Знаеме, ако возилото е ново тогаш е чисто и безбедно, ако е користено тогаш би требало да се доведе до подносливо ниво на загадување и безбедност.

Најлесно е да се критикува, би кажал секој засегнат! За да не прозвучиме само како критизери, еве неколку конструктивни предлози кои веруваме дека би придонеле кон подобрување на состојбите:

– бескаматно кредитирање при купување на нови возила (договор на Владата со комерцијалните банки);

– алтернатива на претходниот предлог би била можноста државата да го плаќа учеството а кредитот да се исплаќа под комерцијални услови (веќе применет принцип во акцијата за     купување нови станови);

– старосно ограничување при увоз на користени возила (никако постари од 10 години);

– контролни станици за мерење на издувните гасови, распредени низ целата држава;

– постепено воведување на мерни уреди во сите станици за технички преглед;

– стимулирање за вградувањето на плински и уреди на земјен гас;

– задолжително прочистување на дизел моторите (веќе постојат уреди кои значително придонесуваат за почист издув).

Со овие мерки би се обезбедило годишната продажба од сегашниве 8 да се искачи на 10-12 илјади нови возила. Тоа секако дека не е доволно за обновување на возниот парк, но добро би дошло за сопирање на негативните трендови.

Да, и ќе дишеме за нијанса почист воздух. Тоа не оди под рака со зголемување на буџетските приходи, но сепак претставува некаков компромис! Логичен и разумен.

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг