Какви коли ни се потребни за да задржиме адекватно ниво на моторизација а притоа да не се задушиме во сопствениот сообраќај.
Старосниот просек на возилата во Македонија е речиси 20 години. И тоа не е главниот проблем, туку исклучително неадекватната структура на тие возила.
Години по ред во државата се увезевуваат половни дизел автомобили од повисоките категории. Не е потребна некоја длабока анализа за да заклучиме дека се тоа претежно ислужени возила.
Убаво е кога ќе ве видат пријателите и роднините во луксузен бренд (воглавно германски) како се развозувате низ градот. Гордиот сопственик во секој момент е подготвен да се пофали со неговите коњи, а димот кој го остава зад себе не го смета за посериозен проблем.
Проблемот всушност не е само негов, туку е заеднички – за жал сеуште нема вакцина која ќе нé заштити од опасните материи што излегуваат од издувот.
Посериозната посветеност кон овој феномен ќе не одведе во комплексната сфера на општествено социјалниот карактер граден децении наназад. Тој колективен дух е чудо, децении се потребни за да се помрдне од место.
Ако од близу се погледне проблемот, од посебен интерес е одговорот на ппрашањето околу реалните потреби на нашите корисници.
Тие (пре)големи автомобили кои најчесто имаат по 150, 200 па и 300 коњски сили, најчесто се користат во урбаните средини. И ако тоа не е случај, нашата државна граница може да се „боцне“со максимално 200 прејдени километри. И сето тоа со црна завеса која зад себе ја оставаат „стакло новите“ дизели.
Поинаку кажано, штетата од политиките за масовната моторизација на нацијата сега ќе ги плаќаме по повеќе основи.
Најпрвин е загадувањето, а не помалку важен е и метежот кој се прави со големите возила во кој најчесто се вози само еден патник. На ова место никако не смееме да го заборавиме и безбедносниот аспект.
Нови возила го решаваат проблемот
Да ги погледнеме просечните продажни бројки: со нови возила годишно можат да се пофалат само околу шест илјади купувачи. За истиот период, увозот на половни возила е стабилизиран на пет пати поголема бројка.
Поради ограничената куповна моќ увезените автомобили се постари од десет години, имаат завидна километража врз плеќите, и носат значки од премиум брендови. Сублимирањето на овие податоци не носи до заклучокот дека ние возиме ислужени и стари, големи, небезбедни, дизел возила. Всушност тоа може да го забележи и лаичкото око.
Оваа реалност е создавана со години, поготово од 2011 кога беа донесени нови мерки за полиберален увоз на половни возила, и тоа без никакви еколошки критериуми, а продолжува да важи се до ден денешен.
Чепкањето во него неминовно би довело до многу построга регулатива и контрола, а тоа за предлагачите би значело значително помал број гласови на следните избори. И нормално, ниту една партија не сака да преземе таков ризик.
А токму властите се тие што можат, поточно мораат, да воведат ред во сите области засегнати со користење на возилата.
Што треба да се стори
Нам во принцип ни недостасува долгорочна стратегија со која би ги уредувале вкупните односи во општеството.
Исклучок не се ниту возилата, ниту пак сообраќајот. Состојба која е нарушувана подолги години никој не може да ја среди со волшебно стапче. Но дојдено е крајно време за преиспитување на сегашните решенија.
За почеток ни треба прецизна слика на возниот парк во државата. Односно, целосен попис на тоа каде, колку и што се вози.
Наизглед лесна задача, но направете обид за да дојдете до овие информации и ќе наидете на ѕид.
Небаре се бараат податоци за нуклерана програма на некоја од најразвиените земји.
Ако се водиме по претпоставките од субјективната перцепција искажана погоре, тогаш, според нас, би требало да се преземат конкретни чекори:
1. Заострување на критериумите за увоз на половни возила;
2. Зголемена контрола при техничките прегледи;
3. Воведување на забрани за возење на загадувачите во градските средини;
4. Воведување на бенефиции и олеснувања за еколошки чистите возила, со посебен акцент на целосно електричните автомобили.
Ништо ново, ниту револуционерно. За сите овие точки е разговарано, дискутирано, дебатирано,… за да крајот сé се сведе на резултат – нула!
Сите говорат за електричните возила
Актуелната револуција во индустријата секако ќе заврши со премин на возила со електричен погон. До времскиот „дедлајн“ закажан за 2035 годината сите ќе мора адекватно да се прилагодат.
Гледано од наш аспект тој факт може да биде хендикеп, но со мудри одлуки на надлежните може да се претвори и во наша предност.
Како? Со паметни одлуки и со драматичен напад врз воспоставените навики и норми. Колективниот менталитет мора да претрпи целосна ревизија.
Ако размислуваме рационално, воглавно нам ни се потребни мали, ефикасни автомобили кои ќе се движат на струја. Размислувањето се базира врз повеќе фактори кај кои преовладуваат реалните потреби и можности. Емоциите мора да ги замениме со разум!
Големината на територијата, густината на сообраќајот во урбаните средини, енергетските ресурси, просечно прејдените километри, финансиските можности,… треба да бидат одлучувачки фактори.
Притоа, главниот збор треба да го има државата: субвенции, бенефиции, олеснувања, како и стимулирање за купување на мали, ефикасни и еколошки автомобили, се веќе докажани мерки кои се на сила во нашата блиска и подалечна околина.
Јасно ни е дека овие ставови ќе предизвикаат полимики, па дури и гласни негодувања, но… Но, пред да почнеме со рафални обвинување само да потсетиме на фактот дека на пазарот веќе се нудат електрични четириседи со автономија од 300-тини километри.
Моментно нивната цена е поставена под 15К евра, што со обзир на галопирачките цени на класичарите, звучи прилично примамливо. И уште нешто, земјава не е богата со природни ресурси. Поточно, извори на природен гас и нафта немаме воопшто, а електрична енергија, сепак, колку-толку произведуваме.
Со изработка на една издржана државна стратегија за мобилноста во иднина, можеме да ги поставиме основните постулати за развој.
Тоа секако би значело прерипување на неколку скалила во развојот на моторизација на нацијата, а за тоа ни се потребни храбри чекори со кои ќе се надмине сегашниот преовладувачки ментален склоп кој нé води директно кон загадувачки и небезбеден ќорсокак.
Кој пат ќе го одбереме, зависи од нас. Можеби краткорочно некои групи ќе бидат засегнати, но долгорочно гледано, целото општество ќе добие многу. Да бидеме докрај искрени, и немаме баш некој раскошен избор.
текст: Агрон Сулејман
Интересно
-
Наше мислење
/ пред 5 часаДржавата ќе го спасува Volkswagen
Опстанокот на големите автомобилски групации не е можен без државна поптпора. Пост пандемискиот...
Од Autoinfo.mk -
Актуелен Миг
/ пред 4 неделиДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk