СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Сообраќајот е забранета тема за време на избори

 

На штотуку завршените двојни избори ниту еден политички субјект не ја чепна темата за сообраќајот.

Македонија бираше Претседател и ново Собрание. На сите страни фрчеа предизборни ветувања за нашето подобро утре.

Но во таа борба за гласови никој не се ни обиде да ја допре темата сообраќај. Небаре на тоа поле ни цветаат безбедносни и еколошки ружи.

Или во страв да не се изгуби некој глас никој не се обидува да прозбори за хаотичната состојба која владее на нашите патишта.

А таму, најблаго кажано, владее вистински хаос. На тоа поле проблемите се отидени далеку над нивото на ад хок решенија, односно имаме проблеми кои од властите бараат корените промени.

Светот тие проблеми ги решава систематски, и тоа следејќи ги будно брзите промени. Воглавно тој систем е разработен во детали, па и не мора баш да измислуваме автентични решенија од типот на „млака вода“.

Накратко само да потсетиме на нашите горливи состојби:

1. Безбедноста во сообраќајот ни е на самото дно на европската скала;

2. Патната инфраструктура ни е застарена и во голем дел небезбедна;

3. Поседуваме возен парк стар околу 20 години;

4. При увоз на користени возила сеуште важи Euro 4 стандардот за емисија на издувни гасови кој е воведен во 2005 година;

5. Системот за обука на нови возачи има сериозни недоречености;

6. Ништо подобра не е и техничката контрола на возилата кои се пуштаат во сообраќај;

7. Електрификацијата ни е на ниво на предисторија, а струја имаме многу повеќе отколку нафтени деривати и гас;

8. За сообраќајната култура воопшто не мора да се дискутира – излезете надвор од живеалиштето и веднаш ќе го почуствувате мирисот на примитивизмот.

9. … низата можеме да ја продолжиме со уште мал милион забелешки.

И што од ова слушнавме за време на кампањата? Апсолутно ништо. Па не се партиите толку наивни да ја чепкаат страшната мечка по некои незгодни места.

Зар на таква „безначајна“ тема да се губат гласови, дајте ви се молам. Згора на тоа и отварање на темите за некакво загадување? Ни случајно – тие теми громогласно се одмолчуваат.

Настрана фактот што на патиштата се гине (повредени има шест пати повеќе) како на бојно поле. И тоа секаде низ државата, во населени места и надвор од нив.

Настрана и загадувањето кое не гуши најмалку 6 месеци во текот на годината. Настрана и актуелностите околу електрификацијата. Кому му е грижа и за опасно фаличната инфраструктура.

Сега треба да се зграби власта и да се земат клучевите од државната каса – потоа ќе видиме.

И така, ќе се менувааат властите, политичарите и функционерите, ама никој нема да го земе вo рака врелиот костен кој го нарекуваме – сообраќај.

А сите заедно, без разлика на политичките преференции, секојдневно ќе се бориме со екстремно ризичниот сообраќај, и тоа со уште поголема жестина отколку што политичарите се борат за нашите гласови.

Која лудост!

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг