На прагот сме на посериозно заладување на времето, а тоа по правило не носи директно кон поголемо загадување на воздухот.
Приказната за штурецот и мравката е одамна напишанa.
Ако истата ја пресликаме на однесувањето на надлежните институции, нам природата ни ја доделила улогата на штурецот.
Барем кога станува збор за нашата надалеку позната (не)грижа за чистата природна средина.
Без да чепкаме во нечесните дејанија околу горење на ваков или таков отпад, би се задржале само на издувните гасови од автомобилите. Причина: според испитувањата, издувните гасови од автомобилите учествуваат за над 20% од вкупното загадување.
Со голо око може да се види дека градот Скопје (и не само тој) е пренатрупан со возила. Од малку постари годишта. А тие загадуваат, загадуваат до тој степен што предизвикуваат тешки заболувања.
Можеби сега не е моментот за дискусија околу црните бројки на заболени и починати, но тие се навистина драматични. Ако земеме во обзир дека помеѓу нив има и голем број деца, слободно може да кажеме дека се – трагични!
Уште потрагично е што од сите досегашни владеачки структури, не видовме никаква акција во (барем) санирање на состојбите. Да, без исклучоци, тие се однесуваат како штурци. Мравки сеуште нема на повидок.
Небаре тој загаден воздух тие не го дишат. По се изгледа дека потенцијалното губење на гласачи им задава поголеми главоболки.
По цена на општото здравје, нема да ги заострат еколошките норми. За нив се држат како пијан за празна чаша. Euro 4 стандардот против испуштањето на издувни гасови е воведен во 2005 година, со законска обврска за примена од 2006-тата.
Оттогаш се поминати 19 години што значи дека сеуште може да се увезе автомобил кој не е постар од тоа годиште. И потоа, при најмало притискање на гасот, позади тие возила се подига димна завеса. Канцерогена!
Ужасот настанува кога ќе се искомбинира бројот на загадувачките движечки објекти и нивната старост.
Коментарите за тоа дека ние сме сиромашна земја и немаме друг излез за моторизација на нацијата, немаат никаква основа.
Треба еднаш за секогаш да сфатиме дека моторизацијата не е, и не сме да биде, социјална категорија.
Политичките штурци треба да се погрижат околу таа категоризација, затоа што цената на хаотичната моторизација ја плаќаме со сопственото здравје.
Ако ги поедноставиме работите: за да возат сите автомобили, можеме, вака слободно, сите заедно (тешко) да се испоразболиме.
Како тогаш да се одбраниме од издувните госови? Самиот факт што проблемот е многу поистакнат во зимските месеци на политиката и овозможува покомотна позиција.
Во летните месеци, географијата им овозможува безгрижно да свират на своите инструменти. Тоа што соседните држави (увозот им е ограничен на 10-годишна старост) во тој период се однесуваат како мравки воопшто не ги тангира.
Нафаќањето со решавање на ова горливо прашање бара интегрални решенија за чие решавање тие немаат желба, ниту пак капацитет. Тоа е прашање на стратегија која се носи на државно (а не партиско) ниво.
Ама кој сега да се занимава со тривијални прашања како што е здравјето на граѓаните?
Важно сите возиме развикани марки на автомобили. А за отровните гасови некој друг ќе биде виновен.
Него, време е да си набавиме заштитни маски. А кога ќе паднат маглите, подобро е без потреба да не излегуваме од дома!