Нема веќе играње криенка со папараци фотографите – после низата појави на новата Astra на патиштата, Opel реши и официјално да ни ја покаже.
Како се вели во најавата, Opel со новата Astra ја демонстрира германската прецизност во секој детаљ и цели директно во центарот на компактниот пазарен сектор.
Чистиот и смел дизајн, врвните (француски) технологии и возбудливата линија погонски склопови меѓу кои и два плаг-ин хибрида, ќе ја направат репер во својата класа.
Најновата Astra L (Astra Mk 6) е роднина на новиот Peugeot 308 кој беше претставен порано годинава и ја има истата EMP2 платформа.
На ова место да забележиме дека ова е платформа која се разликува од мулти-енерџи платформите на групацијата, односно за разлика од Citroen C4 не поддржува чисто електричен погон.
Секако, изгледот е сосем поинаков и изведен по терк на поновите Opel-ови модели, конкретно оние кои го користат новиот дизајнерски речник најавен со Vizor дизајнот на предниот дел.
Во однос на димензиите, новата Astra е минимално подолга, поширока за цели пет сантиметри и пониска за еден ипол сантиметар, за колку отприлика е продолжено и меѓуоскиното растојание, додека багажникот ѝ порасна за 52 литри.
Во внатрешноста која е помодерна и пространа доминираа дигиталниот 10-инчен екран за инструментите и исто толкав за инфо-забавниот систем, а кому му е потребно уште повеќе простор на располагање ќе му биде караванската Sports Tourer верзија.
Astra L ќе биде на располагање со гама бензински и дизел мотори моќни меѓу 110 и 225 коњски сили, меѓу кои и две плаг-ин хибридни верзии.
Погонот на предните тркала предвидено е да се одвива преку шест степен мануелец или преку 8-степенска автоматика.
И двете го комбинираат 1,6 литарскиот турбо бензинец на Peugeot со 150 или 180 KS и електромотор од 110 KS, кои заедно испорачуваат системски 180 односно 225 KS.
Литиум-јонските батерии од 12,4 киловат-часа треба да бидат доволни за поминување до 50 километри во чисто електричен режим.
Oстатокот од моторната понуда ќе ги сочинуваат докажаните 1,2 литарски турбо бензинци со 110 или 130 КС и 1.5 литарски дизел од идентични 130 коњи.
Opel ќе започне да ги прима нарачките за новата Astra наесен годинава, а првите испораки се предвидени за почетокот на идната 2022 година.