СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Нефункционалниот систем ќе го шминкаме со поголеми казни

 

Многу области од општественото живеење во државата се нефункционални – сообраќајот е непосредно опасeн по живот.

Би било многу чудно кога во една поприлично нефункционална држава, некоја област би се издвојувала како исклучок.

Најмалку тоа би се очекувало од изграден систем во сообраќајот.

Проблемот е што во сообраќај се гине, сé останува инвалид, а за материјалната штета не останува ниту простор за размислување.

Состојбите не ни се подобри ниту во останатите области, но да се задржиме на сообраќајот, област која активно ја пратиме.

Глумење дека нешто се работи

Последната трагедија на „Партизанска“ посебно ги вознемири страстите, граѓаните беа огорчени, а дел сеуште излегува на протести да го искаже незадоволството од работата на државните институции.

Политичарите, кои во последно време се посебно чуствителни на младински собирања, итно закажаа седница на Собранието на која ќе се разгледуваат состојбите, со акцент на висината на изречените казни.

Поточно, на нова категоризација на кривичните дела и воведување подрастични казнени мерки. Сериозната закана од властите гласи: ќе видите вие сега!

Како и обично, набргу следи ретерирање во ставовите, во смисла, па ние сме имале највисоки казни во регионот, па да се земат во предвид олеснителни околности за прекршителите, па бла, бла …

Ништо друго освен добро познат принцип: намалување на штетата и одлучна одбрана на партискиот рејтинг. Од такви политички потези нема никој фајде, освен самите тие.

Да, можеби и ќе се преземат некакви „мерки“, односно ќе се создаде впечаток дека нешто конкретно се работи, ама џабе нели, кога еве тие работат, а судството не ги процесуира предметите.

Виден филм во кој играат сите досегашни „гарнитури“. Да не се работи за јавната (сообраќајна) безбедност, би било многу смешно.

Не господо политичари, не се прави тоа така. Сообраќајот е многу комплексна област за која вие појма немате, или не сакате да имате. Поготово во делот на безбедноста.

Идејата за формирање „Агенција за безбедност во сообраќајот“, не е нова, но во моментов се наметнува како императив. Опасноста дека и таа може да биде, онака по нашки, комплетно партизирана е помала од штетата која ја трпиме.

Светот и ние

Сведоци сме на драматично брзи промени во изработка на автомобилите. И најразвиените земји имаат проблем со адекватна легислатива да одговорат на новите технологии. Во тек е масовна електрификација, а возилата, и буквално, веќе почнаа да летаат.

Ние го сакаме тој технолошки развој, ама ако може нашите навики, исто како и законите, да не ги менуваме. Ете затоа и безбедноста во сообраќајот ја сведуваме на „казнена политика“.

Не ни се битни возилата кои сообраќаат, нивната старост и техничка исправност, уште помалку изградбата на соодветна патна инфраструктура. За алтернативни транспортни решенија ич да не правиме муабет.

Сакаме со инфраструктура изградена во време на бившата федерација и со шминкање на законите од тоа време, да се носиме со потребите на денешницата. Е, така, не може!

Реалноста силно предупредува за нашата длабока заостанатост. Возиме автомобили во просек стари по 20 години, сообраќајниците ни се „жали Боже“, сообраќајната култура на ниво на најзаостанатите Афрички држави,… а вие господо единствениот излез го гледате само во зголемување на казните.

Години наназад очигледно не функционира тој пристап, за тоа драматично предупредуваат црните годишни бројки: 140 загинати и пет до шест пати поголем број повредени лица.

Има ли решение?

За да ни биде безбеден сообраќајот потребна е широка општествена акција. Започнувајќи со учење на сообраќајните принципи уште од најрана возраст, па преку квалитетни обуки за управување, се до мерки за осовремување на возниот парк и изградба на адекватна инфраструктура.

Од како тоа ќе почне да функционира, може да се разговара за ефикасна контрола и казнени мерки за прекршителите на правилата на игра. Секако, правично и строго, и безусловно, со еднаков аршин за сите.

Вака само ја фаќаме мачката за опаш: системот не ни функционира,…  ама казните ќе ги зголемиме.

Да, на почетокот на идната година ќе проработат и безбедносните камери – одлична можност за додатно полнење на буџетот. А дали тоа ќе помогне во останатите сегменти кои ја сочинуваат безбедноста?

P.S. Згоменето присуство на полицијата на терен е единствената ефикасна мерка која во моментов може да ги смири „збеснатите“ возачи.

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг