Германскиот автомобилски сојуз ADAC во своето испитување потврдува дека новите дизели воопшто не испуштаат (Mercedes-Benz C220d) или во нивниот издув имаат минимални количини на азотни оксиди (BMW 520d и Opel Astra 1.6 D испуштаат само по 1 mg/km).
По откривање на аферата Dieselgate речиси половина милион возила на групацијата VW завршија на буниште. Се направија огромни штети а на столбот на срамот беше ставен дизел моторот.
Сите побрзаа да дигнат раце од моторите на нафта и во своите возила да вградуваат алтернативни погони.
Проблем беше емисијата на азотни оксиди (NOx) која кај дизелите е многу повисока отколку кај бензинците. Навидум нерешлив технички проблем кој прети да ги прати дизелите во историја.
Но, со тоа не се помирија истите тие што ги измислија и ги доведоа речиси до перфекција дизел моторите – француските и германските инженери.
Последните независни испитувања спроведени од реномираниот ADAC (Автомобилски сојуз на Германија) го враќаат дизел моторот на светската автомобилска сцена. Тестовите направени во реални патни услови (новите WLTP процедури се изведуваат во лабораториски услови) јасно покажаат дека најновите модели, Mercedes-Benz C220d, BMW 520d и Opel Astra 1.6 D испуштаат нула односно само по 1 mg/km азотни оксиди.
Новиот турбо дизел вграден во Citroen Berlingo BlueHDi 130 емитува само 7 mg/km што јасно укажува на фактот дека и француските инженери успешно го надминале проблемот.
Само за потсетување, најновите Euro 6d Temp (Euro 6.2) норми кои ќе важат од идниот септември предвидуваат максимална емисија на азотни оксиди од 168 mg/km.
Тајната на минималните количини на NOx кои ги испуштаат новите дизели, се претпоставува дека лежи во noviot системот на вбризгување претставен од Bosch на почетокот на минатата година, кој гарантира максимална емисија на NOx од само 13 mg/km.
Подолу е табелата на моделите и присуството на азотните оскиди во нивниот издув. За веродостојноста на резултатите, патем кажано изведени според RDE (Real Driving Emissions) условите, гарантира ADAC, најголемиот автомобилски сојуз во Германија, но всушност речиси идентични се објавените резултатите од независни британски институти.
Car |
RDE NOx (mg/km) |
Audi A8 50 TDI |
15 |
BMW 520d Steptronic |
5 |
BMW 520d Touring |
1 |
BMW X2 xDrive 20d |
23 |
Citroen Berlingo BlueHDI 130 |
7 |
Honda Civic 1.6 i-DTEC |
101 |
Kia Ceed 1.6 CRDi |
22 |
Mercedes A 180 d |
40 |
Mercedes C 220 d |
0 |
Opel Astra 1.6 D |
1 |
Peugeot 308 SW BlueHDi 180 |
30 |
Volvo XC60 D5 AWD |
56 |
VW Golf 1.6 TDI SCR |
14 |
————————————————————————————————————–
Извор: ADAC
Овие резултати силно ќе ги охрабрат и останатите производители кои водат битка со исполнување на наметнатите норми против загадувањето. Индиректно ќе профитираат и купувачите.
Од една страна возилата (повторно) ќе бидат со прифатливи цени а од друга страна ќе профитираме сите заедно со дишење на воздух ослободен од штетни материи кои излегуваат од издувот на автомобилите.
Гледајќи ги овие охрабрувачки резултати со олеснување можеме да извикнеме: дизелот е спасен.