Лошите вести секогаш доаѓаат по три – во Женева нема да одиме ни догодина, а под знак прашање е и за понатаму.
Откако што заради тогаш претстојната пандемија на коронавирусот само неколку дена пред почетокот беше откажан, меѓународниот салон на автомобилите во Женева нема да се одржи ниту идната година.
Причините за тоа како наведува фондацијата што го организира се финансиски.
Имено, неодржувањето на салонот во март донесе околу 11 милиони франци загуба, која организаторот се обиде да ја покрие со кредит од кантонот Женева.
Но условите под кои тој беше понуден воопшто не им одговараа, дури во некои точки и спротивни на заложбите на самата фондација. Затоа, тој учтиво беше одбиен.
Истовремено сите сили беа насочени кон создавање услови за одржување на салонот идната година. За жал, слабиот интерес на потенцијалните изложувачи ја направи математиката неизвесна и не остана ниту една друга опција освен и тој да се откаже.
Но, лошите вести секогаш доаѓаат по три – заради сето ова организаторот беше принуден да ја понуди манифестацијата на продажба на женевското сајмиште, Palexpo.
А токму во тие простории се одржува Geneve International Motor Show, но од таму засега нема одговор.
Салонот во Женева кој се одржува од 1905 година подеднакво го сакаат и изложувачите, и посетителите, и медиумите.
Тој е најголема јавна манифестација во Швајцарија и има економски ефект од 200 милиони франци. Лани го посетија десетина илјади новинари и над 600.000 посетители.
Навистина ќе биде штета да замине во историјата.