Сé уште е рано да ја анализираме 2020-тата во поглед на продажбата, но прегледот на првите 11 месеци ни дава доволно јасна слика.
Ferrari, MG, Lotus, Lamborghini, Bentley, Maserati, Suzuki и Jeep – тоа се марките кои во ноември забележаа најголем пораст на продажбата во Европа.
Зад нив на деветтото и десеттото место се наоѓаат Audi и Toyota, но сепак тоа се работи само за ноември во кој европската продажба забележа пад од 13 проценти.
Нас повеќе нé интересира кумулативната продажба за сите 11 месеци, која вели дека и покрај тоа што некое време не беше на тронот и влезе 33 проценти во минус, Volkswagen Golf ја предводи листата со доволно пристојна разлика пред Renault Clio и Opel Corsa.
Според податоците на Jato Dynamics, германскиот адут се има продадено во 252.199 примероци, пред Clio со 221.284 и Corsa со 180.218.
Зад нив многу блиску е Peugeot 208 со 177.253, додека меѓусебната разлика на понатаму пласираните Škoda Octavia, Volkswagen Tiguan, Ford Focus, Toyota Yaris и Renault Captur е по само околу илјада примероци.
Значајно е и тоа што на топ 10 листата која ја заокружува Volkswagen Polo со продадени 152.715 возила нема ниту еден модел кој ја зголеми својата продажба – првиот е Toyota Corolla на 19-тото место со +2,1%.
Ако пак ги погледнеме првите 50 ќе забележиме дека Renault Zoe кој е на 37-мото место со пласирани 83.014 возила е најуспешен со пораст од дури 103,4 отсто, што само по себе кажува за значителниот напредок на електричните возила годинава и без да знаеме дека на второто место е Kia Niro со далеку помали +30,5 отсто.