СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Колумни

Контролите се зголемуваат, се гине како никогаш досега

 

Сообраќајната полиција ја има насекаде. Се контролира, проверува,… Фрчат казни на сите страни, а сепак бројот на незгоди и настрадани никогаш поголем.

По неколку трагични случувања јавноста се сензибилизира и побара конкретна акција за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Одговорните органи при МВР презедоа конкретни активности за контрола на сообраќајот.

Иако тоа одамна требаше да биде дел од системот за регулација и контрола, сепак, од страна на јавноста, акциите беа пречекани со одобрување.

Зголеменото присуство на терен и строгите контроли го открија тоа што беше многу очигледно: учесниците во сообраќајот ја покажаа сета своја раскош во изигрување на законите.

Управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, возење под дејство на алкохол, брзини далеку над пропишаните,… се само дел од потешките случаи. А нив ги има навистина многу, опасно многу.

Податоците за извршените контроли и откривање на „дивеењето“ ни ја откриваат вистинската слика – фрапантни се процентите на возачи кои си возат по некои свои правила притоа доведувајќи ги во опасност сите останати учесници.

И најтрагичното, сите овие контроли не вродија со плод. И понатаму се гине (и повредува) со несмален интензитет. Се однесуваме по старите грди и опасни навики. Небаре се разботи за туѓа безбедност и туѓи животи.

Овие заклучоци можеме да ги поткрепиме со конкретни статистики. Но побогу, се работи за животот и здравјето на луѓе со име и презиме, а не за голи статистички бројки.

Драматична ни е состојбата. Очигледно нашето општество не парви нешто како што треба. Или поточно: долго време прави нешто што е навистина неисправно, лошо, нециливилизирачко и опасно.

Очигледно е исто така дека зголемените контроли не се доволни за да се почуствуваме барем малку побезбедно во сообраќајот.

Од ова место често пишуваме дека контролите се потребни, но никако не и доволни за да спречи дивеењето по сообраќајниците. И уште еднаш ќе ја потенцираме комплексноста на безбедното одвивање на сообраќајот.

Никакви акции нема да ги подобрат состојбите. Ако покрај контролите, само на кратко ги погледнеме останатите чинители во сообраќјаот доаѓаме до поразителни заклучоци.

  • Бројот на возила е неколку пати поголем од капацитетот на нашите патишта, поготово во урбаните средини;
  • Квалитетот на сообраќајниците, вклучително ги тука и автопатиштата, е очаен. Опасно очаен;
  • Сигнализацијата е на ниво на позаостанатите Афрички држави;
  • Староста на возилата, одамна го има надминато својот предвиден век на употреба.

Ако кон овие материјални состојби ги додадеме и надалеку познатото отсуство на елементарно воспитување како и талентот за непочитување на законите, доаѓаме до високиот степен на опасност за сосотојбата која ја живееме.

Само по себе се поставува прашањето: до кога сообраќајот ќе ни наликува на бојно поле?

Одоговорот на ова драматично прашање е прилично едноставен: се додека не се ресетираме секој од нас посебно и се додека не го ресетираме целосно системот. Позитивни искуства има и повеќе од доволно – сите Европски држави имаат далеку поорганизиран и побезбеден сообраќај.

Можеме ние и вака да продолжиме, ама цената и понатаму ќе плаќаме со сопствените животи.

P.S. Додека го пишуваме текстот повторно стигнува информација за погинат мотоциклист во Скопскиот регион.

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Колумни