СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Сегде гори, а баба тендерира

 

Пријателите се познаваат на мака, па така и овој пат соседните, но и малку подалечните од нас пријателски држави, подадоа рака и несебично ни помагаат во справувањето со многубројните летни огнови.

Сите ја знаеме приказната за мравката и штурецот. Ставена во контекст на државите, таа добива малку подраматични димензии.

Додека некој народните пари ги користи за тешки денови, ние си ја свиркаме песната за јавни набавки и им обезбедуваме на владините функционери развозување со 45 нови репрезентативни патнички возила (тендерска формулација).

Верувам дека тие функционери и го заслужуваат тоа, оти токму тие, без никакво чувство за срам и одговорност, питачат по околните земји и при најмали непогоди.

Политички морал и човечка одговорност

Ние немаме обезбедено ниту минимални услови за справување со кризни ситуации. Тоа е нашата реалност со која живееме веќе три децении.

Не земајќи предвид никаква непогода, мудро си проектираме потреба од 45 нови луксузни патнички возила за кои во наредните 36 месеци ќе плаќаме по 48.560 евра – месечно! Или вкупно, користењето на возилата за период од три години, ќе нé чини еден милион и 748 илјади. Плус гориво. Потоа возилата ќе бидат вратени на вистинскиот сопственик.

Ете толку ќе нé чини тендерската свирка на штурецот. Без премногу возбудувања, ве молам, оставете ги на страна сите математики што сé може да се купи за тие пари.

Ако баш и малку ве стега грлото од мачнина, еве еден бизарен пример – пет години користено противпожарно возило може во странство да се набави за околу 25 до 30 илјади евра, односно со една месечна рата нашите пожарникари би го збогатиле својот возен парк со по две такви возила.

Ама тоа е некое лично размислување со кое очигледно одговорните за јавни набавки во нашата влада многу не се заморуваат. Сé до оваа точка прашањето се сведува на личен морал на политичарите, со благ акцент на одговорно трошење на заедничките пари.

Тендери без граници

Но, приказнава има и друга, малку подраматична, но малку повеќе прагматична димензија. Како единствен понудувач (од петнаесетината автомобилски импортери) тендерот го добива, … погодувате, нели, Порше Лизинг Дооел.

Иако во јавно достапните документи (дури и во договорите) нема наведено за кој (или кои модели) се работи, а под истиот тој кров на понудувачот се нудат пет, шест различни марки, останува да нагаѓаме што се подразбира под поимот „репрезентативни патнички возила“.

Ако се мисли на Passat, тогаш што на таа квалификација би кажале увозниците на Mercedes, BMW, Lexus, Volvo… Без многу секирации, не ги потсетуваме што сé можат да купат нашите супермен-политичари – таа материја тие одлично ја владеат.

Додадете го на тоа и фактот што по истекување на договорот за оперативен лизинг возилата остануваат во сопственост на понудувачот, односно на Порше Лизинг и еве ви го одговорот за „тепачката“, односно драмата која веќе ја видовме по истекување на минатиот договор за пасатите.

Добро, имаме разбирање, и сателитите кои гравитираат околу партиските високи кругови мораа да бидат задоволени со добро сочувани автомобили кои беа разграбани под реалната пазарната вредност. Ургенциите при продажбата на туѓ имот (во случајот на Порше Лизинг) сами по себе наведуваат на недолични, корумптивни, влијанија.

Од друга страна, пак, ако се запрашаме за спроведената постапка на набавката на новите возила, веднаш ќе наидеме на подготвен одговор – сé е според законот. Во тоа воопшто не се сомневаме, но ајде да си дозволиме неколку прашања.

Зошто има само еден понудувач? Дали тендерот во тој случај е валиден? Кој и како ги одредил критериумите поставени на тендерот? Што точно се подразбира под поимот „луксузен патнички автомобил“? Дали е внимавано на еколошкиот момент, посебно ако се познава блиското минато на понудувачот со лажирање на техничките податоци што тој производител ги имаше на глобално ниво?

Без да навлегуваме во детали, од досегашното искуство знаеме дека ланецот корисник-тендер-понудувач има подготвено „логични“ одговори на сите овие навидум едноставни прашања. Знаеме и дека посебно се вешти во дефокусирањето и на објаснувањата во кои се вклучени и личните дискредитации. А тука се и нивните дежурни апологети. Него, нејсе, ништо ново!

Но и повеќе од очигледно е дека на овој пример може ефикасно да се провери функционирањето на институциите од типот на Антикорупциската комисија или на пак, на пример, Јавното обвинителство. Дами и господа кои земате плати од заедничката каса, дали допира гласот до вас?

Или подобро ќе биде да се фокусираме на моменталните состојби и да си го продолжиме патувањето по тивката тендерска река која плови покрај нас веќе триесетина години…

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг