СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Наше мислење

Европски залет кон бездната

 

Соединетите држави и Канада воведоа неразумни, 100 проценти царина на кинеските електрични автомобили, додека во Европа тие тарифи се движат помеѓу 28 и 48 проценти.

Во јули, Европа бележи пад на продажбата на електрични возила.

Конечно си дојдоа на свое сите противници на електрификацијата, предводени од обемната маркетиншка операција за одвраќање на купувачите од нивните намери.

И покрај тој факт, падот се должи на воведување на екстремно високи царински давачки за кинеските електрични возила (EV), а не на губењето интерес за новите технологии.

Во позадина на одлуката, која набргу ќе стапи на сила, стои технолошката заостанатост и ценовната неконкурентност на европските производители.

Тие, сокриени под дебелата сенка на политичките одлуки, сами си пукаат во колено. Настрана фактот што не можат да конкурираат со цени, што е уште пострашно, не може да конкурираат ниту со квалитет.

Европските институции воопшто не се возбудуваат од фактот што ги газат основните принципи на либералната економија (изгледа тоа важи за некој друг) и на фер пазарните услови.

За чистата околина и загадувањето, никој ниту збор. А токму поради тие причини, истите тие институции ги воведоа строгите Euro-норми против загадувањето. Автоголови и недоследност се првите впечатоци за кои нема логично објаснување.

Неконкуретноста на своите производи сега ќе ја прикриваат со неразумно високи давачки. И тоа селективно: за моделите на Tesla произведени во Кина царината дури е намалена.

Помеѓу привилегираните е и BYD (таму акционер е Mercedes-Benz), а во тоа друштво има уште такви.

Од другата страна на таа листа стои еден MG за кого давачките изнесуваат 48% – нови 38%, и плус 10% кои важеа до сега.

Само да потсетиме дека на тоа поле и САД не заслужува аплаузи. Тие воведоа царинските давачки за кинеските електрични возила во висина од 100%. Кон честитката сега се придружи и Канада и тоа со истиот тој износ. А овие вториве воопшто немаат сопствено проиводство на EV. Политичката солидарност се манифестира со конкретни дела.

Интересно е дека Австралија и Велика Британија воопшто немаат воведено царински давачки за најголемиот автомобилски производител на светот.

И сега повторно за Стариот континент.

Возилата произведени во Европа се прескапи. Тешко се менуваат стекнатите навики па „старите играчи“ никако не можат да се одвикнат од големите заработувачки.

На тоа поле кинезите воведуваат многу попрагматични искуства, непознати за европејците. Тие работат долгорочно и на почеток се задоволуваат со минимални заработувачки. Па дури и под тоа.

Таквата стратегија ги доведе во позиција да произведуваат по над 30 милиони возила годишно што е за 50% повеќе од Америка и Европа заедно.

Сите што мислат дека со воведување на високи давачки при увоз ќе го решат проблемот, ќе да живеаат во некоја длабока заблуда.

За квалитетот на кинеските возилата – против кои се води оркестрирана и дебело платена медиумска кампања – не оставаат да решат купувачите, туку веднаш пукаат со високи тарифи.

А кинезите веќе имаат подготвено одговор – отварање фабрики во Европа. Како пример: BYD е во тек на изградба на фабрика во Унгарија, со Турција веќе имаат договор (а тие се во бесцарински релации со Европа), потоа во Мароко, а се споменуваат уште и Полска, Италија, Шпанија.

Во Кина паралелно тече и процес на дестимулирање на купувањето на возила на странските компании. Само да потсетиме дека Volkswagen, 40% од производството го пласира токму во Кина.

И што тогаш ќе прават европските владини мезимчиња? Ќе спуштаат цени или пак, што е поверојатно, ќе отпуштаат работници.

Може да се стекне впечаток дека ние навиваме за кинеската автоиндустрија, што се рабира воопшто не е точно. Напротив, но пред фактите мора да се поклониме.

Во стручните кругови, за најголемите играчи, а посебно за Volkswagen, често се говори како за судбината која ја снајде Nokia.

Дали таа споредба е реална? Најверојатно, да. За да не се остварат тие црни прогнози ќе мора европејците радикално да го променат своето однесување, а за жал ништо не наговестува нешто такво.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Наше мислење