Дали периодов е вистинско време за подновување со нов автомобил или можеби треба да се почека есента.
Продажбата на автомобили неретко се доведува во корелација со одредени периоди во годината. Тоа е во склад со навиките на корисниците.
Но зависноста од годишниот период сега се поставува како секундарен фактор при одлуката за купување нов автомобил.
Причината, секако, лежи во силната дерегулација помеѓу понудата и побарувачката на кои бевме сведоци минататите три години, а беа условени од вонредните пандемиски услови.
Без навлегување во причините, туку само ако ги анализираме продажните бројки доаѓаме до неколку важни заклучоци.
Како прво, намалениот обем на производство доведе до евидентно покачување на цените. Тој тренд додатно се потенцираше со електрификација на поголем дел од производните модели.
Како втор важен фактор е драматично намалената мобилност за време на короната. Откажувањето од личниот транспорт за последица имаше и преориентирање на корисниците на алтернативни начини на превоз.
И како трето, а не помалку важно од првите две, е актуелната технолошка револуција која го означува преминот на погоните од термички во електромотори. Тоа се условите кое силно го детерминираа односот помеѓу понудата и побарувачката.
За додатно комплицирање на состојбите заслужни беа објавените податоците од извршените анкети во најголемите европски пазари, Германија, Франција и Италија кои јасно укажуваа на намалениот интерес на младата популација (до 30 години) за купување нов автомобил.
Ако поедноставиме, од една страна имаме покачување на цените, а од друга страна намален интерес (само кај младата популација) за подновување со ново возило.
Нормализирањето на производните процеси во последниот квартал од минатата година, наеднаш од недостаток се претвори во вишок на понуда. Трупањето на залихи веднаш беше сопрено со намалување на цените.
Токму помеѓу овие две зависности моментално се одвива продажбата на нови возила во Европа. Зголемената продажба во првите три месеци оди во прилог на балансирање на понудатата со побарувачката што пак доведува до стабилизирање на цените.
Искуството не учи дека еднаш подигнатото ниво на цени тешко се враќа на претходните состојби. Можеби следи период на стагнација, односно сопирање на растот на цените, но дека ќе има некое значајно намалување не е реално да се очекува.
И на нашиот пазар не се очекуваат значајни ценовни померувања, па ако сте на мисла за купување нов автомобил, според наше лично мислење, веројатно ова е добар период за пазарање.
текст: Агрон Сулејман