СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

EV

Деца измислија начин како да го оддржуваат ветробранското стакло чисто со вода од дождовница

 

 

Со повторна употреба на водата од дождот Европа може да заштеди шест милијарди литри вода годишно.

Идејата на братот и сестричката Даниел и Лара Крон од Германија може навистина да придонесе да се заштедат милијарди литри вода годишно.

Всушност, наместо да ги бришеме капките вода од дождот кој се цеди низ ветробранското стакло, зошто не би ги собирале со цел повторно да ги употребиме преку врадениот систем за прскање?

Овие две деца дошле до ваква идеја кога минатото лето додека патувале со своето семејство почнало силно невреме. Меѓутоа, кога нивниот татко Грег се обидел со бришачите да го исчисти стаклото од насобраната вода и прашина, резервоарот за вода бил празен и стаклото станувало сè повалкано.

Така овие две паметни деца дојдоа до идејата да ја реупотребуваат водата од дождот, а нивниот труд доби прва награда на локалниот натпревар за наука и сега веќе се развива на реален тест автомобил. „Премногу истураше. Имаше вода насекаде, освен во резервоарот на бришачите. Тогаш со мојата сестра помисливме дека тоа е навистина смешно и наеднаш одговорот се чинеше очигледен.

Едноставно, би можеле повторно да ја употребиме дождовната вода“, рече 11-годишниот Даниел од Јилих, Германија. „Не можевме да поверуваме дека никој не се сетил на ова претходно“, додаде неговата 9-годишна сестричка Лара.

„За да ја испробаме идејата, го расклопивме нашето противпожарно возило играчка и го прикачивме цревото на мал модел автомобил во аквариумот. Потоа додадовме систем за филтрирање за да се осигураме дека водата ќе биде чиста и функционираше навистина добро“, вели таа.

Инженерите на Ford кога слушнаа за оваа идеја беа навистина заинтересирани и понудија да инсталираат ваква справа во тест возило, Ford S-MAX. За да може да се собира водата, со гумени цевки го поврзаа дното на ветробранското стакло со резервоарот за вода.

„Идејата на Даниел и Лара со децении беше пред очите на возачите. Беше потребен само еден момент на ингениозност за вистински да се оживее.

Благодарение на овој систем, всушност за помалку од 5 минути врнење резервоарот на бришачите целосно се полни“, рече Тео Геке, супервизор во одделот за каросериска надворешност на Ford за Европа.

Потрошувачката на вода за возилата инаку се очекува и повеќе да се зголеми, земајќи го предвид фактот дека дополнителната опрема како камерите и сензорите, исто така треба да се одржува чиста.

Инженерите на Ford веќе работат на начини за зачувување на водата од дождот и кондензацијата, вклучувајќи и начин на собирање на влагата од воздухот и нејзино филтрирање со цел да се добие вода за пиење (On the-Go H20).

Инаку возачите во просек користат околу 20 литри вода годишно само за чистење на ветробранското стакло. На патиштата низ Европа се проценува дека се движат повеќе од 291 милион возила, така што доколку во секој автомобил се инсталира ваков систем за полнење на резервоарот со вода, би се заштедиле речиси 6 милијарди литри вода на годишно ниво.

 

 

 

 

 

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од EV