Во моментот само Hyundai и Toyota сериски ја применуваат технологијата на горивни ќелии (Fuel Cell) која без резерви се посочува како решение на иднината.
Hyundai Nexo (претходно, Hyundai iX35) и Toyota Mirai на станиците за полнење горива точат само водород.
Процесот на полнење трае само неколку минути, по што возилата се способни за нова тура од 600-тини километри.
Во суштина говориме за електрични возила кои се движат со помош на електромотори. Но внимавајте, тука сетот батерии е со многу скромен капацитет.
Токму на оваа позиција се прави драматичната разлика помеѓу батериските електрични возила и тие со горивни ќелии.
Додека кај батериските возила потребната електрична енергија се црпи од вградениот сет батерии, кај возилата со горивни ќелии главен енергенс е водородот.
Генераторот си го носам со себе
Класичната физика не учи дека при електрохемиска реакција на водород и кислород се добива дестилирана вода, но што е многу важно, се ослободува и одредена количина електрична енергија.
Звучи едноставно, водородот лесно се одвојува од вода, а кислородот го има во воздухот.
Но,… За да стапи во реакција, водородот треба да е во течна состојба а тоа се случува кога тој е оладен на екстремно ниска температура од цирка (-2500) целзиусови.
Ако тој проблем се реши, модулот за генерирање електрична енергија беспрекорно ќе ја исполнува задачата за снабдување на автомобилот со потребната електрична енергија.
За да не отвараме непотребни дилеми: тие технички проблеми се решени уште пред цела деценија ипол. За тоа сведочат погоре посочените сериски модели.
Околу ефикасноста на технологијата нема дилеми: еден Hyundai iX35 возеше 24 часа помеѓу Хамбург и Берлин (и во двата града Shell има станици за полнење) притоа постигнувајќи просечна брзина од над 100 км/ч.
Инаку дваесет возила од истиот производител кои беа доделени на Британската влада во 2011 година сеуште успешно циркулираат.
Начин на фунционирање
Течниот водород кој е складиран во посебно изолираните резервоари, во самиот модул, стапува во електрохемиска реакција со кислородот од воздухот при што се ослободува чиста водена пареа и одредена количина на електрицитет.
Со сериско поврзување на поединечните елементи во модулот се подигнува напонот на потребното ниво. Електронскиот менаџмент се грижи за распределбата на енергијата за промптно трошење или пак за складирање на вишокот.
За погонска сила се користат електромотори со што на возилото му овозможуваат чисто електричен карактер. Повторното полнење на резервоарите со водород се одвива на посебните станици, и воопшто не се разликува од полнењето со течни горива, односно трае само неколку минути.
>> Предности: неограничени природни ресурси, еколошки беспрекорен, брзо полнење, голема ефикасност, мали димензии на модулот, голема автономија.
>> Недостаци: недостаток на инфраструктура за полнење, ограничени ресурси за производство на водород, проблематично складирање.
Зошто горивните ќелии не се широко прифатени?
Речиси не постои производител кој сериозно не е посветен на технологијата на горивни ќелии. Сите концепти се сведуваат на слични или идентични компоненти.
Модулот за генерирање на електричната енергија е со мали димензии и со висока ефикасност од околу 85%. И резервоарите за складирање на водородот со капацитет од околу 8 килограми, не претставуваат ексклузива.
Тогаш логично звучи прашањето, зошто оваа перспективна и беспрекорно чиста технологија, во моментов нема поширока примена?
Одоговорот лежи во производството и складирањето на водородот. Како што рековме тој мора да се испорачува во течна состојба, која е одржлива само на екстремно ниска температура.
Градењето на потребната инфраструктура за полнење на возилата претставува уште еден проблем кој се решава со несфатливо ниско темпо.
Од друга страна, широката примена на Fuel Cell технологијата отвара широки перспективи за употреба.
Едноставно, на секое место каде што е потребна електрична енергија може да се постави резервоар за водород и да се инсталира модул за генерирање на електрична енергија.
Иако иднината е резервирана за горивните ќелии, се чини дека сеуште не е дојдено времето за масовна примена на технологијата која ги користи неограничените природни ресурси и која има беспрекорен еколошки биланс.
Во овој контекст воопшто не би сакале да ги споменуваме факторите кои не може да се доведат во врска со технологијата.
текст: Агрон Сулејман