Скоро 12 години откако беа воведени во Европа и 10 откако се задолжителни за сите возила, Македонија размислува да ги воведе Euro 5 стандардите.
Според министерот за економија Крешник Бектеши претстојат измени во регулативата со кои нема да се дозволи увоз на возила кои не исполнуваат најмалку Euro 5 стандарди за издувните гасови, воведени во Европа во 2009-тата година. Со тоа се очекува да се намали аерозагадувањето во урбаните средини предизвикано од возилата.
За обновување на возниот парк планирани се и неколку мерки за субвенции – за замена на сегашните со возила од најмалку Euro 5 стандарди, за купување хибридни возила и за вградување на плински уреди.
Плановите за вакви мерки не се ништо ново, но досега не се обезбедија средства во буџетот за нивна реализација.
Единствено во 2019-тата беше субвенционирано вградувањето на плински уреди, додека размислувањата за субвенции за електричните возила беа исфрлени во собраниската фаза на донесувањето на тогаш новиот закон за возилата.
Во моментов во Европа важечки се Euro 6d стандардите за издувните гасови, а во план е воведување на Euro 7 од 2025 година. Пред Euro 5 стандардите количината цврсти ПМ честички во издувните гасови не беше регулирана, заради што и DPF филтрите претходно не беа задолжителни.
За повеќе информации кликнете на сликата за поголема.