На предлог на Министерството за правда се разгледуваат промени во Кривичниот законик според кој во иднина потешките сообраќајни прекршоци ќе бидат квалификувани како кривични дела.
Никогаш доволно од безбедност во сообраќајот. Секогаш може сосотојбите да се подобрат.
Поготово во држави како што е нашата која е во најдолниот дел од таблицата со податоци за безбедност во сообраќајот.
Иако податоците за сообраќајни незгоди и бројот на настрадани говорат за постепено подобрување, сеуште сме далеку од посакуваното ниво. А во прекршувањето на правилата и прописите навистина покажуваме раскошен талент.
Сé би било во ред кога нашиот теланет за заобиколување на цивилизациското однесување не би било пропратено со човечки жртви. За волја на вистината незгодите со загинати од година во година бележи тренд на намалување, но како што кажавме, никогаш доволно од безбедност.
Раководејќи се според податоците добиени од сообраќајната полиција, кои говорат за типични фактори со кои се загрозувува безбедноста, Министерството за правда предлага промени во Кривичниот законик според кои за потешките нарушувања на правилата наместо прекршочно би се одговарало кривично.
Според предлогот, новиот член 403 „Безобзирно управување со моторно возило“ ќе се води како кривично дело со кое се предвидува парична или казна затвор до три години.
Возењето под дејство на алкохол со над 1,50 промили во крвта како и возењето под дејство на дроги и психотропни супстанци, ќе бидат категоризирани како кривична дела.
Истата квалификација ќе важи и за возењето со над 70 км/ч од дозволената брзина, возењето во забранет правец, како и за претекнувањето на колона возила на непрегледно место.
Сите овие опасни дејанија до сега се казнуваа прекршочно, но со новите предлог измени во Кривичниот законик се планира тие да се казнуваат како кривични дела.
Мотивите на предлагачот се јасни: лани се регистрирани преку 240 илјади сообраќајни прекршоци од кои над половината се однесуваат на прекорачување на брзината. Брзото возење се јавува и како главен причинител за фаталните незгоди.
Ако се прифати предлогот на Министерството за правда, се планира новите законски измени да бидат донесени до крајот на годината.
Се разбира дека за поголема безбедност во сообраќајот само тие мерки не се доволни, туку проблемот се решава со комплексни и сопфатни мерки.
Тие водат преку подигнување на општата сообраќајната култура, потоа преку адекватна инфраструктура, техничката исправност на возилата, неселектривното практикување на законите, …
Но ако не сакате да рескирате високи парични казни, во потешки случаи дури и затворски казни до три години, ќе мора да ги почитувате наброените (а може при јавната расправа да бидат додадени и други) прекршувања на сообраќајните правила.
Како резултат се очекува сите учесници во сообрајот да се чувствуваат побезбедно и посигурно, а тоа е вест која одамна ја очекуваме.