СЛЕДЕТЕ НЀ

Актуелен Миг

Прескапо платена корупција

 

Автобуската трагедија со ужасно голем број жртви покренува лавина прашања за функционирањето на нашиот севкупен општествен систем.

Додека сеуште не е завршена истрагата за тешката сообраќајна незгода која се случи во Бугарија, воопшто немаме намера да се впуштаме во шпекулации околу причините. И без наш придонес, нив ги има премногу.

Без големи и „стручни“ анализи, објаснувањето за причините на трагедијата е многу едноставно. Во триаголникот пат-возило-возач сé мора да функционира според строгите сообраќајни правила и прописи.

А тие се универзални – секое нивно прекршување завршува со последици. Во случајов говориме за последици со димензии на национална трагедија. Ужасна трагедија!

 

Што им претходи на овие црни настани?

Во принцип ние веќе три децении не успеваме да изградиме држава со цврсти институции. Воспоставената практика, добитниците на избори да започнуваат сé од почеток, создава впечаток на постојано започнување од нула.

А системи не се градат така, туку врз една општо прифатена платформа се надоградуваат постојните решенија.

Наместо тоа, со секоја промена на власта партиите носат свои „стручњаци“ со кои ги заменуваат старите, кои исто така биле поставени од партиите. Стручноста ја заменуваме со послушност.

Како што е општо познато „стручњак“ по сите области, не постои. Но што е тоа важно, нели токму за поставувањето на „наши“ луѓе се борат партиите за власт.

Според убаво разработена шема, токму тие луѓе потоа се задолжуваат за издавање лиценци, сертификати, уверенија, потврди, атести, дозволи, … А во тој дуализам на интереси, за потпишувачите и удирачи на печат од една, и за корисниците на тие „хартии“ од друга страна, тоа значи ПАРИ.

Убавата можност, кога ќе се зачини со балканските табиети кои наместо почитување на закони преферираат употреба на своите извежбани вештини за лесно заработување ПАРИ, резултира со – нефункционална држава. А од тоа, потоа, сите страдаме.

Во моментот кога на површина ќе исплива некоја аномалија, целиот систем се става во одбрана на постоечките решенија. Во принцип, виновник нема, така сакала судбината, нели.

 

Мајстори за корупција

За ПАРИТЕ нема да коментираме, но побогу веќе, последователно ни гинат луѓе во сообраќајни незгоди кои можеле да бидат спречени.

Па нашиот систем не може (поточно, не сака) да лоцира виновник, а и кога ќе го лоцира (Ласкарци) истиот тој систем му овозможува да работи како ништо да не се случило.

Цели семејства остануваат доживотно завиени во црно, а надлежните сеуште ќе бараат некаков цариник кој бил на смена. И тоа за „нормална“ појава која веќе три децении се одвива пред нашите очи.

Светот тоа јасно го означува како КОРУПЦИЈА. А до кога ние немоќно ќе гледаме на неа од политички, национален, верски, родов … и три пи.ду матерски аспект?

Да, одговор има, сe додека не почнеме да гледаме од Човечки аспект!

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг