СЛЕДЕТЕ НЀ

Актуелен Миг

Последиците од пандемијата врз производството на автомобили

 

Годишната продукција на 95 милиони автомобили (2019 г.) светот веќе не може да си ја дозволи. Пред сé недостасуваат енергенси, а загадувањето предизвикано од нив е веќе неодржливо. Виновникот се бара во пандемијата но поверојатно е дека светот влегува во нова фаза од своето постоење.

Сведоци сме на секојдневен раст на цените на енергенсите, факт што неминовно води до економско преструктуирање.

Производството на автомобили можеби е најдобар пример како светските економски движења се одразуваат на реалниот живот. Автомобилите стануваат дефицитарен продукт. Зошто, звучи како најлогично прашање.

Во поширок контекст интересно би било да погледнеме што тоа е сменето од пред пандемијата и зошто растат цените на енергенсите во време кога сме сеуште далеку од трошењето на енергија која ја имавме до пред само две години.

Првиот факт кој паѓа во очи е престанување на сите големи воени судири. Веќе не се пука во Ирак, Либија, Сирија, Авганистан, а во истиот тој контекст, но гледано мирнодобски, Иран е сеуште под силни економски (читај: енергетски) санкции, а Венецуела е веќе банкротирана држава.

Случајно или не, сите овие региони се богати со нафтени ресурси. Проблемот е во тоа што со војните (и мирнодобските мерки) нивните производствени капацитети се поприлично редуцирани.

Од друга страна, приморани од европските регулатори, автомобилските производители се упатени кон намалување на штетните емисии односно потрошувачката на гориво која никако не може да се изведе без употреба на хибридната технологија или самостоен настап на електромоторите.

Во таа електрификација се вложуваат енормно големи средства. Всушност говориме за револуција која од темел ја менува индустријата. Да, и во која постои голема глад за електрична енергија.

Упс, голем проблем на повидок! Заколнатите (и законски силно детерминирани) екологисти прерано се откажаа од течните горива. Ако тука го додадеме и руското калкулирање со гасот, проблемот добива нова политичко-енрегетска димензија.

Теоријата, „не сакаме нафта, дајте струја“ сега  во Европа предизвикува вакуум во снабдувањето со енергенси кој неминовно предизвикува раст на цените.

Електрична енергија веќе недостасува, а целосната замена на класичните автомобили со тие на струја западна во длабок ќорсокак. Враќање на потрошувачката на енергија на пред Ковид-19 периодот ја актуелизира дилемата на изворите за генерирање на електрична енергија.

Атомските централи се подготвени, но постојат низа законски ограничувања на кои се обврзани државите. Па зарем повторно од јаглен ќе се прави струја?

Очигледно друго решение во моментот нема. Кина годинава отвара нови педесетина централи на јаглен; Германија повторно се сети дека поседува големи резерви на јаглен.

Од оваа точка па натаму целосно се губи смислата на масовна електрификација на возилата. За да не се загадува животната средината со испуштањето штетни материи низ издувните цевки, загадувањето ќе доаѓа од  големите оџаци кои согоруваат јаглен. А тоа е прилично штетен биланс. Згора, ужасен нонсенс.

Што и како понатаму, е прашање кои ги мачи сите иманентни играчи од автоиндустријата.

Намалената продукција засега се правда со кусок на полупорводници односно со чипови од кои се тие направени.

Тенкото објаснување лесно паѓа во вода со ненамален обем на електронските, телекомуникациските и комјутерските производи со кои е преплавен светскиот пазар.

Во дадената ситуација добро се снаоѓаат Американските производители на електрични возила, зголемената цена на гасот ја зацврстува вредноста на Руската рубља, Кинеските резерви на енергенси воопшто не се намалени а производството им достигнува рекордни размери.

Случајно? Можеби, но пандемијата очигледно некој ја дочека поподготвен, а на останатите им преостанува примена на кризен менаџмент. Резулататот сепак е поразителен по производителите на возила, а на обвинителна клупа за актуелната состојба (не)праведно е ставен, Кивид-19.

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг