СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Нафта, бензин, плин или струја?

 

Во екот на светската енергетска криза, нашиот автомобилски пазар сеуште покажува јасна наклоност кон автомобилите кои се движат со мотори на нафта.

Светот ја тресе голема енергетска криза. Цените секојдневно се менуваат не оставајќи простор за никакво планирање.

Не навлегувајќи во причините – највоочливи фактори се пандемијата и војната во Украина – ефектите се чувствуваат глобално.

Ако кажеме дека уште пред појавување на пандемијата веќе беше започната технолошката револуција, некој ќе приговори дека даваме преголемо значење на автоиндустријата. Но тоа, сепак, се неоспорни факти.

 

Владеење на електриката

Без никакви сомнежи, тенденциите се јасни, течните горива и гасот ќе мора да бидат заменети со електрична енергија.

Главна тема кај производителите е процесот на транзиција. Веќе нема компанија за возила која во својот програм не вклучува претставник кој вози на струја.

Колку и да не им се допаѓа тоа (трошат огромни ресурси на електрификација), играта е веќе прифатена.

Поточно кажано, на тоа се приморани од страна на регулаторите. До 2035 година во Европа може да се продаваат автомобили кои се придвижувани со мотори со внатрешно согорување.

Потоа само на електрична енергија. Истиот тајминг на промена на технологијата веќе започна да се применува и во САД. За сега само во сојузната држава Калифорнија, но не е тешко да се претпостави дека истиот тренд ќе се прошири на целата држава.

Ако некој мисли дека до тогаш има доволоно време, нека се потсети колку тоа трае развојот на една платформа, потоа развојот на електричните компоненти и контролната електроника, и на крајот развојот на батериите.

За производителите тамингот е прекраток, односно е „веќе утре“.

 

Тоа се тенденциите, а каде сме ние во тој филм?

Дизел си е дизел, ќе кажат во хор лубителите на евтиното возење, … воедно и најголемите загадувачи. Со новите движења на цените при што дизелот ја надмина цената на бензините, економичната експлоатација е ставена под голем знак на прашање.

Последниве неколку години структурата на продадените нови возила покажува сериозни знаци на доминација на бензинските пропулзии (дизелите се поскапи за 10 до 15%) но нивниот удел во вкупниот број регистрирани автомобили е симболичен.

Солидниот број на бензиски возила кои имаат вградено плински уреди, успешно балансираат помеѓу ограничените можностите за набавка и економичната експлоатација.

На ова точка сосема логично звучи прашањето, на какви горива да возиме? Одговорот доаѓа од структурата на фабричките понуди.

Додека дојде времето на електричните автомобили, најлогичен заклучок е дека ќе се возиме хибридно.

Доволно е да се погледне бројот на продадени plag-in хибриди и да ни бидат јасни тенденциите. Но, но, но, …

 

Ограничени можности

Тоа важи за некој друг (Европски) свет. Во земјава просечната старост на тоа што се тркала по улиците е речиси 20 години. За да се смени очајната состојба ќе треба драматично менување на состојбите. Невозможна мисија – тоа не е лесно да се напише, камо ли да се реализира.

Водени од гол популизам, надлежните сеуште го држат Euro 4 стандардот за увоз на возила. За субвенционирање на нови еколошки (читај: електрифицирани) примероци и да не говориме.

Субвенциите за хибридни возила пред неколку години беа укинати. За електрични возила, исто така ќе мора да платите цел износ. Да се разбереме, под субвенции подразбираме ослободување од царина, акцизи и други бенефиции при регистрација, осигурување,…

Не станува збор за трошење народни пари, иако од користењето на батериските електрични возила бенефитира целото општество.

Приговорите дека на меѓународните пазари нема доволно електрична енергија, се еднострани. Нема ниту нафтени деривати, па ниту гас. А ние од сите енергенси имаме (колку-толку) само електрична енергија.

Со неодговорно однесување на властите, финансиските можности на купувачите и опортунистички настроената колективна свест, заклучокот сам се наментува – далеку е небото еколошко.

Ќе си возиме ние дизели кои низ издувот испуштаат густ чад, полн со канцерогени честички. Чистата средина и екологијата може да попричекаат. Како и до сега.

Прогресот, бенефитите од новите технологии и екологијата ќе почекаат некои порозови времиња. Поточно, се додека некој на сила не ни наметне поинаков пристап кон индивидуалната и колективната мобилност.

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг