СЛЕДЕТЕ НЀ

Актуелен Миг

Електрични тротинети – про и контра!

Електричните тротинети ги преплавуваат големите градови – дижењето со помош на електромотор се јавува како масовна замена на користењето велосипед и за пешачењето.

Доволно е мала прошетка помеѓу градските блокови за да го забележите нивното присуство. Електричните тротинети сé се почеста појава. Ги има во разни големини и во голем број на технички варијации.

Заедничко за сите е што за погон користат електромотор кој електрична енергија ја црпи од сет батерии сместени на подницата.

Амбициозните производители ги нудат во основни верзии но има и такви кои вградуваат амортизери и диск сопирачки. Релативно ниската цена е додатен мотив за замена на велосипедските педали со стоење на тротинет.

Целава приказна има и еколошка димензија, затоа што тие ниту создаваат бучава а ниту пак испуштаат штетни гасови.

За нивната популарност ќе го истакнеме примерот на Париз каде што сообраќаат над 20К тротинети кои се придвижувани од електрика. Не во толкав број, но и кај нас тенденцијата на популарност е во рапиден раст.

И како што тоа најчесто бива помодарството ги совладува сите реални аргументи. А тие, пред се, говорат за отсуство на било каква законска регулатива со која возачите на овие, сепак, моторни возила, би ги заштитиле од останатите учесници во сообраќајот, но исто така би го регулирале и нивното користење.

Како што стојат сега работите, електричните тротинети се возат и на пешачки и на велоспиедски патеки, но и на самиот коловоз.

Прашањата од видот, кој и како смее да ги користи, потоа кои се заштитните мерки, дали ќе треба исто како сите останати моторни средства да се регистрираат (или барем евидентираат), која им е максимално дозволената брзина, минимумот сигналистика … тоа се прашања кои ќе треба законски да бидат уоквирени.

Инаку, гледано од безбедносен аспект, управувањето со електричните скутери, е крајно проблематично. Самата стоечка позиција (високо тежиште) во комбинација со екстремно малите тркала, не влеваат некоја сигурност.

Кога збориме за употребата низ Скопје, а во останатите градови ситуацијата воопшто не е подобра, квалитетот на асфалтот не ветува ниту минимум безбедна употреба. Напротив, бара максимална претпазливост.

Затоа, најтопло им препорачуваме на тие што го замениле својот велосипед (или пак, пешачењето) максимално да бидат внимателни и да ги почитуваат прописите. Капацитетните електрични тротинети можат да се движат дури и со 40 км/ч што мора да признаеме воопшто не делува наивно.

Кога сé ќе се сумира, мое мислење е дека сепак употребата на велосипед е далеку побезбедна, а што не е за занемарување, и многу поздрава навика. Млад човек во бизнис облека или млада стилска дама, во стоечка позиција, на електричен тротинет делуваат многу „кул“, но сепак, ова е само еден моден тренд кој сеуште делува како незаокружена безбедносна целина.

 

Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг