Појавувањето на секое ново издание на Golf во автомобилскиот свет предизвикува огромно внимание. Со новата технологија, префинетата естетика и општиот квалитет на изработка, осмото поколение во целост го заслужува тоа внимание.
Од појавувањето на Golf во 1974 година поминаа добри 45 години во кои Volkswagen успеа да продаде 35 милиони примероци.
Фасцинантни се тие бројки, кои воедно претставуваат и обврска за производителот да го продолжи успехот на најпродаваниот европски автомобил.
Дизајн шефот во Volkswagen, Клаус Бишоф може да здивне. Задачата „да биде ист како претходникот а истовремено да биде многу поинаков“ ја реши перфектно. Реакциите на јавноста праќаат јасна порака – Golf 8 изгледа прекрасно.
Ако се знае дека тој ефект е постигнат само со милиметарски промени на димензиите во однос на претходникот, тоа претставува вистинска дизајнерска мајсторија. Изразено во бројки тоа изгледа вака: должина 4.284 (+26 mm), широчина 1.789 (-1 mm), височина 1.456 (+34 mm), меѓуоскино растојание 2.636 (+16 mm) и идентична големина на багажиот простор од 380 литри.
Голфот со реден број осум, е поставен на доработената MQB платформа која поради флексибилноста на димензиите, Volkswagen ја употребува во широк спектар корпорациски модели.
Во новиот Golf сериски ќе се вградуваат дигитална табла со инструменти, низа безбедносни системи, LED осветлување како и новиот забавно-комуникациски систем, Car2X.
Во секоја прилика производителот ја истакнува интуитивноста при употреба на командите. Воедно никој не заборави да ја истакне достапноста на високата технологија за широката популација корисници.
Широката палета на мотори е предводена од пет целосно нови хибриди со што Volkswagen влегува во друштвото на производители што произведуваат возила кои строго водат грижа кон животната средина.
Понудата на хибриди започнува со серијата eTSI кај која се комбинираат бензиските мотори со 48-волтен систем стартер/генератор придвижуван со ремен. Екипата се состои од три члена кои продуцираат 110, 130 односно 150 КС. Заштедата која ја носи eTSI технологијата изнесува 10% и тоа мерено според новиот WLTP протокол.
Осмата генерација исто така ќе биде испорачувана и со два Plug-in хибриди кои ќе испорачуваат системска силина од 204 и 245 КС.
Во нив е вградена литиум-јонска батерија со капацитет од 13 kWh која е способна да го движи возилото до 60 километри само на електрична енергија.
Во тој случај лубовта на Golf 8 кон природата ќе биде бескрајна. Се разбира тука се и класичарите во облик на TSI, TDI и TGI мотори.
Бензинците ќе сипорачуваат 90 и 110 КС, дизелите 115 и 150 КС додека варијантата на природен гас ќе има максимална силина од 130 КС. Инкриминираните TDI мотори отсега ќе се испорачуваат со два, SCR каталитички конвертори со што емисијата на штетните азотни оксиди се редуцира за цели 80%.
Кога ќе помине целата еуфорија, патем предизвикана и од огромната PR машинерија, остануваат фактите. Новиот Golf e допадлив, богато опремен, безбеден и лесен за употреба. И повеќе од доволно елементи за продолжување на „патот на успехот“ трасиран од претходните шест генерации. Некои велат дека Golf повторно ги поставува стандардите – судејќи според првичните впечатоци, ќе да се во право!
Volkswagen Golf Mk8 веќе е влезен во производство а на европскиот пазар се очекува во декември.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=1&v=iJXgqGJE9Kg&feature=emb_logo