СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

EV

TOGG T10F: електрика по турски терк

 

Компанијата со седиште во Гебзе, (провинција, Коџаели) го прикажа својот втор електричен модел TOGG T10F. Да ги погледнеме одблизу неговите технички специфики.

TOGG (Türkiye’nin Otomobili Girişim Grubu – Турско автомобилско акционерско друштво) е составено од компаниите: Anadolu Group, BMC, Zorlu Holding, Turkcell (сите поседуваат по 23%) и TOBB (Стопанска комора на Турција) која поседува 8% од акциите.

TOGG T10X беше првиот модел со кој новоформираниот производител, по четири години од формирањето (2018 год.), во 2022 год., му се претстави на светот.

Со многу помпа и национална гордост поради автентичната креација, новиот конзорциум составен од домашни компании и институции, тогаш го најави доаѓањето на серија нови модели кои ќе се базираат токму на SUV моделот, TOGG T10X.

Со мало прекорачување на предвидениот тајминг сега сме сведоци на комерцијализација на вториот електричен модел, TOGG T10F.

Што е TOGG T10F?

Во суштина говориме за седан со „фестбек“ заден дел.

TOGG T10F беше лани премиерно прикажан на CES 2024 во Лас Вегас а веќе е започнато неговото сериско производство кое е организирано во градот Гемлик, провинција Бурса.

Градењето на специфичен визуелен идентитет на брендот му е доверено на Мурат Гунак (Murat Günak). Светски познато дизајнерско име со богата кариера во Mercedes-Benz, Peugeot, VW Group,… кој од позиција на креативен директор на TOGG соработува и со италијанското студио Pininfarina.

Петвратниот TOGG T10F е долг 4.830 mm, широк 1.881 mm, висок 1.560 mm, и е поставен на меѓуоскино растојание од 2.890 mm. Ако судиме според димензиите тоа е и повеќе од доволен простор за пет патници и нивниот багаж.

Погонски склоп

Како што налага востановениот ред кај современо конципираните возила, погонот може да биде преку едната или преку двете оски.

Според истиот пристап, во понудата треба да има батерии со два различни капацитети, и секако, да биде возможно приклучување на брзи полначи.

Изразено во конретни бројки тоа би значело: само заден погон со мотор од 160 kW (218 КС), како и двомоторна верзија со AWD погон и вкупна силина од 320 kW (435 КС).

Помалата батерија со капацитет од 52,4 kWh може да помине рута до максимални 350 km (WLTP), додека поголемата батерија од 88,5 kWh овозможува автономија од цели 600 km.

Брзото полнење може да се одвива преку полнач на едносмерна струја со моќност од 180 kW, што би значело полнење од 20 до 80% во време од 28 минути.

Скромните бројки на специфична потрошувача се должат на одличниот аеродинамичен коефициент од 0.22 до 0.23. Токму овој податок е заслужен и за забрзувањата кои од нула до сто изнесуваат 7,2 секунди (за RWD) и одлични 4,4 секунди за двомоторната (AWD) верзија.

Вградената опрема е на нивото на конкуренцијата од типот на Tesla Model 3, BMW i4 и Polestar 2. Во внатрешноста доминира екранот кој се протега по целата ширина на предната конзола, веќе видено решение кај кинеските производители, но детал кој секако придонесува за убаво возно искуство.

Накратко, TOGG T10F е силно позициониран електричен седан-fastback со голема автономија, напредна технологија и модерни перформанси.

Продажните цените би требало да се движат помеѓу 40 и 45 илјади евра, а се во зависност од понудената варијанта.

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од EV