Неколку месеци после хибридната Octavia RS iV, од Škoda пристигаат и конвенционалните спортски варијанти на семејната лимузина.
Приказната за Octavia RS се заокружува – со новите изведби таа сега е во понуда истоветна на новиот Golf, односно неговите GTE, GTi и GTD верзии.
Новите две (всушност четири) варијанти ги немаат буквите iV во ознаката, ниту пак електрична помош.
За нивно задвижување се задолжени дволитарските TSi и TDi мотори.
Бензинската изведба има 245 КС и 370 Nm и се нуди исклучиво со погон на предните тркала и опционално со DSG менувач со седум степени.
Забрзува до 100 km/h за 6,7 секунди и може да дофати до 250 km/h.
Дизелската Octavia RS има округли 200 KС и 400 Nm. Кај неа DSG трансмисијата е стандардна, а погонот на сите тркала со доплата.
Перформансите се скоро идентични – 6,8 секунди до 100 km/h и максимални 243 km/h.
Заедно со моќните мотори доаѓаат и прогресивно серво управување и спортско ослонување спуштено за 15 mm, а динамички прилагодливото подвозје е по избор на купувачот.
Опремата е дополнета со централна воздушна перница и тркала од 19 инчи.
За агресивноста на настапот придонесуваат и светлата за магла со LED технологија, а назад двојните издувни цевки и спојлерот. Нови се и браниците, а спортското чувство внатре го подгреваат седиштата и инфо-забавниот систем со RS графика.