Славната марка од Цуфенхаузен го произведе 100-илјадитиот примерок од целосно електричниот спортист.
Убавиот јубилеј доаѓа три години по почетокот на производството.
Во септември 2019 година од матичната фабрика во Цуфенхаузен започна сериски да излегува електричниот модел во кого се полагаа големи надежи.
Само по три години, на 08.11. од монтажната линија слезе 100-илјадитиот примерок, Porsche Taycan Turbo S кој беше наменет за клиент од Велика Британија.
Успехот е толку поголем ако се земе предвид ценовната поставеност на електричното Порше – стартот е поставен на 100 илјади евра.
„Многу сме задоволни што толку бргу ја достигнавме оваа пресвртница во историјата на производството – и покрај неодамнешните предизвици предизвикани од недостигот на полупроводници и нестабилната ситуација со Ковид“, изјави Кевин Гиек, потпретседател на Model Line Taycan. „Со Taycan успешно влеговме во електрична ера“.
Taycan сега е достапен во три каросерски изведби: Taycan, Taycan Cross Turismo и Taycan Sport Turismo. Популарниот електричен спортист моментно највеќе се продава на пазарите на САД, Кина и Велика Британија.
Перфектната механичка осново ја сочинуваат пет електромотори со различна силина кои можат да ја придвижуваат само задната или пак и две оски.
Врвот на понудата е резервиран за верзијата Porsche Taycan 4S кој има максимален радиус на движење од 513 километри. Од друга страна, за перформансите е задолжен рекордерот на Нирбургринг, Turbo S кој славниот Нордшлајфе го поминува во време од 7 мин. и 33 секунди.