Porsche се соочува со предизвици во пазарната војна во сегментот на EV и размислува за враќање на моторите со внатрешно согорување.
Кинескиот BYD ја продолжува својата ценовна војна преку понуда на напредни системи за помош на возачот.
Истовремено американска Tesla покажува сериозност во настапот на самовозечки роботакси модели.
Контекст
Откако ги одложи царинските давачки за Мексико и Канада, претседателот Доналд Трамп уште еднаш се врати на неговата омилена алатка во надворешна политика.
Воведена е царина од 25 отсто (сеуште со одложено дејство) за целиот американски увоз на челик и алуминиум, а како изговор се наведува заштитата на локалните производители.
Бидејќи Соединетите Држави се потпираат на увоз за поголемиот дел од својот алуминиум, ова може да има далекусежни ефекти врз неколку индустрии, вклучително и автомобилите.
Следно, Трамп вели дека ќе објави реципрочни царини за многу земји. Тој, на пример, често се жалеше на царината од 10 отсто на ЕУ за увоз на автомобили, што е повисока од стапката на автомобили во САД од 2,5 отсто. Никој не се сомнева дека таа реалност долго ќе опстои.
Porsche пролизгува
Акциите на Porsche сериозно се разнишаа откако компанијата соопшти дека го менува курсот и инвестира 800 милиони евра во нови модели покренувани со мотори на внатрешно согорување – големи се изгледите тој потег, во 2025 година, да го остави со профитни маржи под очекувањата на аналитичарите.
Луксузниот германски производител на автомобили преживува тешки моменти во Кина каде се соочува со интензивна конкуренција од големите домашни ривали кои продаваат електрични возила.
Во исто време неговите сопствени електрични автомобили се соочуваат со скромна побарувачка во Европа.
Стисната помеѓу тие два предизвика, Porsche се надева дека со враќањето на она што најдобро го знае – брзите автомобили со моќни мотори – ќе може да се надева на наклоност од инвеститорите.
Пазарната капитализација на Porsche е преполовена од нејзиниот максимум во мај 2023 година, кој изнесуваше нешто помалку од 110 милијарди евра, па затоа не е изненадување што компанијата под итно треба да преземе акција.
Но, Кина е најдобриот пазар на Porsche, а Кина брзо оди кон електрификација. Значи, прашањето е дали фокусирањето на моделите со ICE мотори ќе и наштети на компанијата на подолг рок.
