СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Peugeot 2008: Повелете, сакате бензин, дизел или електрика

Новата генерација на комапктниот SUV покрај оригиналниот изглед нуди и цела низа напредни технологии, но најинтересен е фактот што може да се движи на бензин, нафта или пак само на електрична енергија.

Веќе неколку години Peugeot е како препороден. Моделите се нижат еден по друг, секој од нив искачувајќи се за технолошко скалило погоре.

Оваа констатација добива целосна потврда во новата генерација на Peugeot 2008. За самиот изгледот излишно е да се коментира, тој е оригинален до тој степен што веќе и не мора да носи „лавче“ на својот нос.

Истото важи и за внатрешноста која е стилски наследник на претходникот, при што управувачот визуелно сместен под таблата со инструменти претставува единствено решение на пазарот.

Освен оригиналната архитектура, сега таблата со инструменти, која инаку е наречена Peugeot i-Cockpit® 3D, ги прикажува индикаторите во 3D формат што создава впечаток на холограмски приказ.

Механичкиот аспект открива нови факти: Peugeot 2008 е поставен на преработена CMP (Common Modular Platform) платформа со меѓусокино растојание од 260 cm, факт кој придонесува пораст на вкупната должина на 430 cm.

Од додадените сантиметри профитираат патниците на сите позиции како и багажникот кој сега брои 434 литри.

Сепак најкрупниот технолошки исчекор во однос на претходникот се прави во истовременото појавување на целосно електрична верзија која ги придружува бензинските и дизелските класичари.

Докажаните трицилиндерски бензинци од 1.2 литри сега располагаат со 100, 130 и 150 КС додека дизелите во 1.5 литри имаат сместено еден цилиндар повеќе и испорачуваат 100 односно 130 КС.

Кај посилните верзии се нуди опција на пренос преку 8-степенски автоматски менувач. Со овој менувач конструкторите преминале преку две класи погоре изведувајќи ги командите „by wire” односно без механички компоненти.

И за крај ја оставаме главната специфика: целосно електричната верзија која ќе ја препознаваме според ознаката Peugeot e-2008.

Комплетниот еквивалент од возењето на класичарите е обезбеден со електромотор од 100 kW (136 КС) и корисните 260 Nm.

Батериите смесетни во подницата имаат капацитет за сместување од 50 kWh што се доволни за автономија од максимални 310 километри.

Енергетската оптимизација на сите системи во возилото е очекувана, исто како уредите задолжени за регенерација на енергијата, а сето тоа е зачинето со гомила од безбедносни и конективни системи.

Да, Peugeot 2008 е изграден врз истите принципи како и неговиот дарител кој има една нула помалку во ознаката. Секако тука се и блиските роднини од Citroen и Opel, со чија бројчана асистенција се овозможува демократизација на високата технологија.

 

 

 

Текст: Агрон Сулејман

Фото: Peugeot

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот